X
 06.07.2022 Образование

ФИНКИ со најголем број студенти во цела држава

Академската 2021/2022 година на Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ има најголем број студенти од сите факултети во државава - вкупно 4.145, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

ФИНКИ е факултетот кој има најголем број студенти, ако се собере вкупниот број студенти од прва до четврта година. Таму студираат вкупно 4.145 студенти, од кои 1.447 се жени. Втор факултет според бројноста на студентите во рамките на УКИМ е Медицинскиот, каде што студираат 2.873 студенти, од кои само 645 се мажи. Третото место го зазема Економскиот факултет со вкупно 2.199 студенти, а потоа следуваат Филозофскиот со 2.160, Филолошкиот со 1.310, Природно-математичкиот со 1.073 и Факултетот за електротехника и информациски технологии со 1.044 студенти.

Најмал број студенти на цел УКИМ има Факултетот за драмска уметност, вкупно 76, а потоа следува Шумарскиот со 117, Факултетот за ликовна уметност со 119 итн.

статистика-студенти
Фото: ДЗС (за поголема резолуција кликнете на сликата)

Според податоците на Државниот завод за статистика, добиени врз основа на пристигнатите извештаи, во академската 2021/2022 година се запишале вкупно 51.510 студенти, што претставува зголемување за 1,2 % во споредба со академската 2020/2021 година. Бројот на запишани студентки е 29.823 или 57,9%.

Најголем број студенти (82,6%) се запишале на државните високообразовни установи, додека 16,8% се запишале на приватните високообразовни установи.

На прва година студии во оваа академска година се запишале 13.434 студенти или 26,1% (тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати).

Минатата година ДЗС објави дека во академската 2020/2021 се запишале вкупно 50.881 студент, од кои 12.365 беа бруцоши.

ТУКА можете да го прочитате соопштението на ДЗС.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование