X
 14.08.2020 Наша тема

Да се биде металург? Професија полна со предизвици и убавина

Покрај добрите услови за стекнување инженерски знаења од областа металургија, студентите имаат можност во текот на студиите да се стекнат и со практични знаења и вештини во рамките на задолжителната едномесечна пракса во некоја од металуршките компании во земјата

Металургијата не е само професија. Таа е инженерство, наука, занает, уметност, зависи од вас, од која страна сакате да ги согледате нештата. Металургијата е спој на хемијата, физиката, математиката, минералогијата и повеќе инженерски дисциплини, задолжена за издвојување чисти метали од рудите (екстрактивна металургија) и добивање употребни предмети од нив (преработувачка металургија).
На Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје се негуваат и двете дисциплини. Металургијата во нашата држава на факултетско ниво се изучува уште од далечната 1959 година, кога била во рамките на Техничкиот факултет, а денес егзистира на две насоки на Технолошко-металуршкиот факултет – екстрактивна и преработувачка металургија.

Што е металургија?


Излевање на течен челик – легура на железо со мала содржина на јаглерод и додатоци, материјал со извонредни својства и најмасовна примена

Металургијата е една од најстарите дејности на човештвото. Почнувајќи од правење алатки и орудија за oдржување на секојдневниот живот, до оружја, како што се разни видови сечила, ножеви, стрели, сабји... Метали познати од најраното човечко доба се бакарот, златото, среброто и метеорското железо. Тие биле најрано откриeни благодарение на нивното наоѓање во природата како самородни, чисти метали, и долги временски периоди во праисторијата биле означени по металите – бронзена доба (од 4.000 до 1.000 год. пр.н.е.) и железна доба (од 1.000 год. пр.н.е до почетокот на новата ера).

Зошто да се одбере металургијата како идна професија? Еве неколку помалку познати факти во врска со металите и металургијата воопшто, кои можеби ќе ви помогнат при одлучувањето.

Важноста и распространетоста на металите. Металите се насекаде околу нас. Од 118 познати елементи во Периодниот систем на Менделеев, металите сочинуваат импозантна група од 92 (алкални, земноалкални и преодни метали, актиниди, лантаноиди), што изнесува 78%. Aко кон металите се додадат и легурите – тоа се смеси на два или повеќе елементи, од кои барем еден е метал, семејство на метални материјали станува уште побогато и поразновидно.

Својствата на металите. Металите се материјали сo широк спектар добри и применливи својства, од јакост, тврдина, жилавост и пластичност (обработливост), до висока електрична и топлинска спроводливост. Секако, металите меѓусебно се многу различни. Така, само во однос на точката на топење формираат широк интервал од -39°C (за жива, впрочем, единствен течен метал на собна температура), преку галиум, кој се топи на 30°C, практично кога ќе се стави на дланка, до дури 3342°C, на колку што се топи волфрамот.

Титанот се смета за еден од најтрајните метали, а иридиумот е најотпорен на корозија. Најлесен метал е литиум (со густина 0,5 g/cm3 тој испливува во водата!), а најтежок е осмиум (со густина од 22,5 g/cm3, тој е дури 45 пати потежок од литиумот). Златото, од кое луѓето отсекогаш биле фасцинирани, се смета за мошне ценет благороден метал. Ако сето досега пронајдено злато на светот се „собере“ во една коцка, таа би имала раб од 20 метри и би тежела 165.000 тони. Но, цената на златото (38 долари за 1 грам високочисто злато) е смешно ниска во однос на калифорниумот (изотоп Cf-252) кој чини неверојатни 250 милиони долари по грам. Да, шаренолик и чудесен е светот на металите.

Примена на металите. Металите се составен дел во нашиот секојдневен живот, буквално од игла до локомотива: алати, домашни апарати, автомобили, машини, градежен материјал, електроника, мотори, медицинска опрема, накит, возови, ракетна техника, авиоиндустрија, оружје... Речиси е невозможно да се замисли употребен предмет без барем делумна примена на металите. Со други зборови, современиот живот не би можел да функционира без металите.


 Најдолгиот мост на светот, 164 km, во Кина и највисоката зграда, 163 ката, 828 m, Дубаи (ОАЕ)

Металургијата е значајна стопанска гранка. Денес, металургијата е една од водечките стопански гранки, како кај нас така и во светот. Во нашата земја, од 12 најважни стопански гранки дури 4 опфаќаат производи од областа на металургијата. Тоа се производи на црната металургија (производи од железо, челик и феролегури) и производи на металопреработувачката индустрија. Помеѓу десетте најзначајни компании според остварените приходи, три се од областа на металургија – „Џонсон Мети“ е прва, а потоа следуваат и „Еуроникел индустри“ и „Арчелормиттал“.
Според најновите статистички податоци, од вкупниот извоз на сите стоки во нашата земја, на металите и металните производи отпаѓаат 16%. Но, девизниот прилив од нив, од приближно 1 милијарда евра, претставува повеќе од 56% на вкупниот државен приход, што ја прави оваа дејност доста привлечна за инженерскиот кадар во Македонија. Интересно е што металургијата иницира голем број вработувања во логистичките дејности потребни за нејзино функционирање. Така, на еден вработен металург во металуршките компании неопходни се уште најмалку 5 вработени од други дејности.


Девизен приход од различни стопански гранки на Република Македонија

Идни предизвици во металургијата. Металургијата забрзано се развива во различни насоки. Се креираат и развиваат нови материјали, нови технологии, со нови примени. Во новите материјали секако треба да се спомнат наноматеријали, композити и нанокомпозити, метални стакла, легури со памтечки облици, ферофлуиди и други, чии извонредни својства наоѓаат разновидна примена во медицината, техниката и градежната индустрија. Новите технологии – примена на ласер, ултразвук, плазма и технологија на прав, само се вовед во низа можности за добивање на нови производи со извонредни, подобрени својства.
Во оваа насока се фокусирани и научно-истражувачките и апликативните проекти на металуршките институти на факултетот. Покрај унапредувањето на тековните технолошки постапки за добивање и преработка на металите, се работи и на полето на добивање нови материјали – наноматеријали, како нанометали, јаглеродни наноструктури, нанокомпозитни материјали, наменети за сензори, електроди за горивни ќелии, прочистување на отпадни и води за пиење и др. Во рамките на овие проекти, вклучени се и студентите, при изработка на научни теми за студентски конгреси, технологијади и за изработка на своите дипломски работи. Студентите се присутни и на традиционалниот Металуршки конгрес на Сојузот на металурзите на Македонија, кој претставува меѓународен научен собир на кој се претставуваат научните достигнувања од областа на металургијата, материјалите и заштита на животната средина на научните работници од Европа.


Лаборатории за наноматеријали и нанотехнологии и за електрометалургија

Услови за студирање. Покрај добрите услови за стекнување инженерски знаења од областа металургија (искусен наставнички кадар, добро опремени предавални, лаборатории, библиотека и компјутерски центар), студентите имаат можност во текот на студиите да се стекнат и со практични знаења и вештини во рамките на задолжителната едномесечна пракса во некоја од металуршките компании во земјата. Исто така, имаат можност за остварување меѓународна пракса во странство, преку здружението IAESTE во кое нашиот студентски парламент е долгогодишен член. Преку програмата ERASMUS, студентите имаат можност да поминат еден семестар во некој од европските универзитети, со кој факултетот има потпишано договори за соработка. Исто така, имаат можност да бидат вклучени во научни собири, како што е традиционалниот студентски конгрес на хемичарите и технолозите на Македонија, слични научни собири во соседството, на нашиот традиционален металуршки конгрес и сл.


Технолошко-металуршки факултет


Библиотека и амфитеатар


Клуб на пријателство

Можности за вработување. Убава вест е дека речиси и да нема невработени металурзи во нашата земја. Голем број големи и мали компании во Република Македонија имаат потреба од металурзи. Металуршките компании секоја година доделуваат стипендии со кои, освен финансиска потпора, се гарантира и вработување на металурзите по нивното дипломирање.
Компаниите во кои металурзите се вработуваат се: Макстил АД Скопје, Еуроникел индустри, Кавадарци, Џонсон Мети ДООЕЛ, Скопје, Арчелормиттал ДООЕЛ, Скопје, Скопски легури ДООЕЛ, Скопје, Ватростална Скопје, РЖ Техничка Контрола АД Скопје, Бучим Радовиш, Југохром Јегуновце, ДОО, ЛТХ Леарница ДООЕЛ, ФЗЦ 11 Октомври Куманово, ИГМ Трејд ДОО, Кавадарци, Дојран стил, с. Николиќ, Железник челичен лив и гранулат, Демир Хисар, Инженеринг трејд, Скопје, Иронет, Скопје, Нова Рефрактори Пехчево, Институт за заварување ЈУГ, Центар за плазма технологии ПЛАЗМА ДОО, Скопје, и други.

За крај, како повторување, металургијата е сублимат на инженерство, наука, занает, уметност и убавина. Да се одбере металургија е прифатен предизвик, со труд и љубов да се напредува кон одбраните и однапред зацртани цели.

Текстот е подготвен од Технолошко-металуршкиот факултет

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема