За да се регулира огромниот број на туристи, од наредната година посетителите на Венеција ќе мора да купат влезница за градот. Влезницата ќе почне да се наплаќа од 16 јануари.
Мештаните веќе подолго време го критикуваат градот поради масовниот туризам кој создава метеж на најпопуларните места и отежнат сообраќај. Пред пандемијата градот дневно го посетувале над 100.000 луѓе.
Затоа, туристите што доаѓаат на еднодневна екскурзија во Венеција ќе мора да плаќаат влезница чија сума ќе варира и ќе изнесува најмногу 10 евра за лице. Оние што ќе резервираат влезница порано ќе платат помала сума. Жителите на регионот Венето, луѓето родени во Венеција и сите што имаат резервирано сместување во градот нема да мора да купат влезница.
За оние што ќе влезат во градот без влезница, ќе има казни од 50 до 100 евра.
Освен тоа, најавено е и поскапување на влезниците за музеите и водениот превоз од септември доколку не се направи резервација онлајн. Властите сакаат да ги поттикнат посетителите да се навикнат да го планираат патувањето однапред.
Извор:
Pun kufer
Насловна фотографија: Pixabay