Градските власти во Венеција, по иницијатива на градоначалникот Луиџи Бругнар, предложија да се воведе забрана за седење и лежење на земја, а прекршителите на забраната би платиле казна од 50 до 500 евра.
Седењето на скалите на спомениците или во тремот околу плоштадот „Свети Марко“ веќе е забрането. Новиот предлог би требало да пристигне кај градскиот совет на гласање во ноември, иако советниците од движењето „Пет ѕвезди“ и активистички групи на жителите на градот се против.
- Постои толку долга листа со работи што се забранети во Венеција што не остана веќе ништо што би смееле да правите - истакнува Марко Гаспаринети, лидер на активистичката група „Групо Априле 25“, кој додава дека ќе треба да се вработат дополнителни 5.000 полицајци за да може сè да тече како што треба.
Властите размислуваат и за забрана на музиката во чамците. Уште сега луѓето може да бидат исфрлени од градот или да бидат казнети за алкохолизирано однесување и пливање или ако ги стават нозете во каналите. Исто така, сомничаво се гледа и на оние што јадат нешто на скалите.
Фото: Pixabay
Секое лето низ главните туристички подрачја патролираат луѓе кои имаат задача да се осигурат дека сите ги почитуваат правилата. Иако постојат одредени подрачја за пикник каде што може да седнете и да јадете, тие се подалеку од туристичките точки и малку луѓе знаат за нив.
Венеција веќе долго време се бори со управувањето на туризмот, кој на градот му носи околу 60.000
посетители во само еден ден.