Најдобро зачуваниот средновековен германски град изгледа токму како од бајките. Во Ротенбург ќе видите високи кули, калдрми, стари куќички и многу други идилични слики.
Мечтаејќи за Рим, Лондон, Париз и другите звучни европски метрополи, забораваме дека постојат места и градови кои воопшто не се забележани во туристичката мапа, а безмалку ги нудат сите задоволства за вљубениците во патувањата. Во оваа прилика имаме намера сериозно да ви го привлечеме вниманието кон некои неправедно зобиколени гратчиња.
Лакост, Франција
На југот од земјата, во славната Прованса, четириесеттина километри оддалечено од Марсеј, се наоѓа гратчето Лакост.
Посетителите задолжително го разгледуваат дворецот на Маркиз де Сад, што датира од 17 век. Во околината може да ги посетите и плантажите со лозје, и да дегустирате фино француско вино, па да продолжите на вечера во Café de Sade или Café de France.
Пред да си отидете, можете да си купите нешто за спомен од бутикот ShopSCAD, каде што се продаваат креации произведени од студентите и професорите од факултетот за уметност и дизајн.
Сори, Англија
На два часа пат од аеродромот во Манчестер, можете да се најдете во ова североисточно англиско селце. Местото датира од 14 век, а сите што го посетиле, гарантираат дека ветува прекрасен одмор и релаксација. Тука се наоѓа куќата на познатата англиска писателка за деца, Беатрикс Потер, што денес функционира како музеј... на детството.
Шетајќи низ Сори, ќе ја сретнете и граматичката школа на Вилијам Вордсворт, еден од најголемите поети романтичари од Англија. За љубителите на историјата, пак, во близина се наоѓаат остатоците од ѕидот на Хадријан, па според оваа богата понуда, се сомневаме дека Сори може да ве разочара.
Ротенбург, Германија
Во Баварија, на еден час оддалеченост од Нирнберг, сместен е градот Ротенбург. Станува збор за најдобро зачуваниот средновековен град во Германија, кој изгледа токму како од бајките: со високи кули, камени улици, стари куќарки. Препорачливо е да се одвојат триесетина минути за обиколка покрај ѕидините на стариот град до градското собрание, каде што се случуваат разни концерти и забавна програма. Градот е препознатлив и по божиќните саеми во периодот на големиот празник.
Бриж, Белгија
Возот од Брисел за саат и половина пристигнува во Бриж, најпознатиот меѓу останатите градови од оваа листа, кој сепак не излегол од сенката на многу пославните европски градови. Бриж е како измислен за велосипедисти, бидејќи изобилува со тесни улички и мала фреквенција на сообраќај. Центарот на градот е под заштита на УНЕСКО, каде што посетителите со избрусено чувство за естетика, можат да уживаат во средновековната и готска архитектура.
Во Бриж се наоѓа и езерото на заљубените, Minnewater. Најчести гости се паровите, кои уживаат во возењето кану, хранењето на лебедите, мирот и вкусните вафли.
Белгија е позната по помфритот, а тука постои музеј во негова чест. Но, нека не се обесхрабруваат нити љубителите на „слаткото задоволство“ и нека не заборават да го посетат музејот на чоколадото.
Берген, Норвешка
До Берген може да се стигне со авион или со воз од Осло. Основан е во 1070 година, а со текот на времето прераснал во едно од поважните норвешки пристаништа. Денес,
градот е центар на културно-забавни случувања, фестивали и разнородни настани. Многумина кога ќе се спомене Берген, сакаат да ја слушаат славната бергенска филхармонија, основана во далечната 1765 година.
Необичноста на ова гратче му ја даваат и дрвените куќички, стари неколку стотини години, распоредени околу пристаништето, многу тајновити и привлечни за љубопитните патници.