X
 06.08.2018 Технологија

ИТ-компанија без шефови



Во компанијата Tele Haase од Виена шефовите си ги „укинаа“ своите работни места и управувањето им го препуштија на вработените.

Ова е првата компанија во Виена која го тестираше трендот познат како  „нова работа“ односно холократија.

Компанијата постои од 1963 година и се занимава со електроника на системи за заштита и надзор. Целата структура на компанијата се променила пред пет години кога биле отстранети сите облици на хиерархиска поставеност на вработените, се укинале одредени сектори, а одговорноста била пренесена од менаџерско ниво на сите 75 вработени. Без оглед дали некој е практикант или вработен во фирмата, сите носат одлуки.


Аналитика на „Google Analytics“
(Фото: Pixabay)


Маркус Стелцман  веќе не се нарекува директор туку себеси се смета за „режисер“ во новонастанатата поделба. За економското списание „ЕКО“ тој изјави: „Основата на нашиот успех е внатрешната транспарентност. Сите бројки што ги остварува компанијата им се достапни на сите вработени“.

И покрај тоа, сепак постојат и ограничувања: „Вработените не ги знаат индивидуалните плати на другите, но постои транспарентност во работењето и затоа сите имаат можност да носат одлуки од име на компанијата“, вели Стелцман. Кога пред пет години почнале со експериментот постоеле и вработени кои не дале поддршка за ваков тип на реструктуирање.

Некои менаџери дале оставка. Денес менаџерите ги заменува одбор кој се грижи за планот на работењето, маркетингот и дистрибуцијата. Сите вработени можат да изберат да бидат членови на одборот и заедно да работат на стратешките прашања.

Компанијата се води според девизата „секој што работи со уживање, добро ја работи својата работа“. Засега, новиот концепт на работење се покажал како исклучително успешен. „Концерни како Фолксваген, банки и разни осигурителни куќи ни доаѓаат во посета да видат како може да се работи на поинаков начин“, додава Стелцман.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија