Секоја година светот произведува 50 милиони тони електронски и електричен отпад (е-отпад), но само 20 отсто од таа количина се рециклираат официјално. Поголемиот дел од отпадот завршува во депонии или неофицијално се рециклира во земјите во развој.
Индија годишно создава повеќе од два милиона тони е-отпад, а и увезува непознати количини на е-отпад од други земји, меѓу кои и Австралија.
Повеќе од 95 отсто од индискиот е-отпад се процесира преку широко распространета мрежа на неформални работници кои собираат отпад, го разглобуваат и го рециклираат и работат илегално надвор од секој регулиран или формален организациски систем. Многу малку нешта се сменија откако Индија го изгласа законот за менаџмент со е-отпадот во 2016 година.
Фото: Quartz
На тесните и збиени улички во округот Силампур во Делхи можат да се видат стотици луѓе, меѓу кои и деца што ракуваат со различни видови електронски отпад, вклучително и телевизори, клими, компјутери, телефони и батерии.
Клекнати пред продавниците, тие се зафатени со разглобување на овие производи и подредување на компонентите без соодветни алатки за да можат потоа да им ги продадат на други трговци за понатамошно рециклирање.
Фото: Quartz
Локалните жители објаснуваат дека отпадот им доаѓа од цела Индија.
- Требаше да дојдете рано изутрина кога пристигнуваат камионите со сиот отпад - вели еден жител.
Силампур е најголемиот пазар за разглобување во Индија. Секој ден се истовара е-отпад за илјадници работници што користат груби методи за извлекување на компонентите кои можат повторно да се користат, како и на скапоцените метали како бакар, калај, сребро, злато, титаниум и паладиум.
Процесот вклучува горење на киселина и отворено палење, со што се создаваат отровни гасови штетни за здравјето на работниците и за околината.
Работниците одат во Силампур очајни за работа. Таму тие можат да заработат од 4 до 16 австралиски долари дневно. Жените и децата се најмалку платени, а мажите што се вклучени во вадењето на металите и работата со киселини се повеќе платени.
Фото: Quartz
Висината на приходите зависи од тоа колку работниците ќе разглобат и од квалитетот на тоа што ќе го извадат. Тие работат од осум до десет часа дневно, без оглед на нивната благосостојба. Локалните власти велат дека респираторните проблеми се чести кај оние што работат во овие гадни услови.
Работниците не сакаат да дискутираат за загадувањето за да не предизвикаат загрижувања кои би резултирале со полициска рација. Негираат дека се гори е-отпад. Живеат во страв дека нивната трговија ќе се затвори при некоја од редовните полициски патроли во обид да се решат проблемите со загадувањето во Делхи.
Како резултат на нивниот страв, палењето на е-отпадот и работата со киселини се скриени од очите на јавноста во перифериите на Делхи и соседните сојузни држави или, пак, се работи преку ноќ, кога има помал ризик од
полициски рации.