X
 22.11.2019 Живот

Робин Худ на модерното време: мистериозен човек им ги исплаќа долговите на граѓаните во Турција

Анонимен човек почна да ги посетува сиромашните населби во Истанбул, ги исплаќа долговите во продавниците и на луѓето им остава коверти со пари пред вратите, во време кога јавноста е сè позагрижена поради растот на бројот на самоубиства, што се припишува на падот на животниот стандард и драстичното поскапување.

Жителите на Тузла, област каде што живее работничката класа која најчесто работи на бродоградба, во азискиот дел од градот, минатата недела откриле дека нивните долгови во неколку продавници биле намирени од непозната личност.

- Некој дојде и побара од мене да му ја покажам тетратката каде што ги чувам долговите на муштериите - вели Коскан Јилмаз, сопственикот на една од продавниците.

- Имаше четворица со висока сума, па му кажав каде живеат. Тој повторно се врати и ги плати нивните долгови. Дознав дека им дал пари на овие семејства. Го прашав како се вика, на што ми одговори: „Викај ме Робин Худ“ - додаде Јилмаз.

1
Фото: Getty Images


Се претпоставува дека истиот човек под вратите на сиромашните оставал коверти во кои имало по 1.000 лири во другите населби каде што живеела работничката класа, во март, кога трошоците за храна се искачиле на високо ниво, и платил 25.000 лири за долгови во јуни.

- Човекот ми рече дека е тука за да ги плати долговите на оние што не можат да си го дозволат тоа - вели Тунгај Јашар, друг продавач во Тузла.

- Тука сум веќе 30 години и првпат сум сведок на вакво дело. Моите клиенти беа многу среќни и сакаа да го запознаат човекот, но јас не знам кој е. Не ми го кажа името, а рече дека го прави ова за да заработи благослов од Бога - додава Јашар.

Турција е шокирана од неодамнешната низа на очигледни договори за семејно самоубиство за кое се обвинува зголемената сиромаштија.

Претходно овој месец во Фатих, една од најконзервативните населби во Истанбул, семејството Јетишкин - двајца мажи и две жени на возраст меѓу 48 и 60 години оставиле белешка на вратата на соседите, предупредувајќи ги да не влегуваат поради присуство на цијанид. Кога пристигнала полицијата, пронашла четири тела. Според пријателите, семејството се обидувало да преживее само со платата на еден член, кој бил наставник по музичко, а имале и здравствени проблеми, депресија и вознемиреност поради растечките долгови и нивната неможност да најдат работа.

Наредниот ден било пронајдено мртво уште едно семејство, вклучувајќи и деца на пет и девет години во Анталија, а постои сомневање дека се предозирало. Таткото, кој долго време бил невработен, оставил белешка во која објаснил за нивните финансиски проблеми.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот