X
 06.10.2018 Наша тема

Немам зборови да го опишам изразот на лицето на ученик кога гледа како неговиот наставник плаче, макар на филм

Наградата за најдобра улога на КРЕФ ми значи многу зашто детскиот игран филм „Роденденот на Климент“ пренесе голема порака со која се соочуваме секојдневно. Немаше друг начин да се доближиме до децата ако не седнеме заедно во училишната клупа, вели одделенскиот наставник Мирослав Митиќ од скопското училиште „Св. Климент Охридски“

Нема родител чие дете учи во ОУ „Св. Климент Охридски“ во скопската населба Бутел што не го познава или барем не слушнал за наставникот Мирослав. Децата го обожаваат, а родителите стискаат палци нивното дете да учи кај него. Ова му е четврта учебна година како одделенски наставник во ова училиште, а пред една недела ја доби наградата „Оскар“ за исклучителна изведба на улога во филмот „Роденденот на Климент“ што му беше доделена на Меѓународниот фестивал на креативен едукативен филм КРЕФ во Штип. Тој и неговите колешки од ова училиште ја добија и наградата во категоријата „детски игран филм, пример за социјално однесување до 10 години“, на менторката Маја Димковска, ученик Јована Стоилковска.

Сцена од наградениот филм

Упативме важна порака

Филмот за кој ова училиште е наградено стана популарен веднаш штом беше прикажан. Неколкумина наставници ги заменија улогите со нивните ученици, со цел да ги научат на сочувство и на другарство. Митиќ вели дека годинава биле помотивирани да постигнат уште подобри резултати.

- Наградата ми значи многу затоа што детскиот игран филм „Роденденот на Климент“ пренесе голема порака со која се соочуваме секојдневно. Немаше друг начин да се доближиме до нив ако не седнеме заедно во училишната клупа и заедно да ги донесеме правилните одлуки. Немам зборови со кои би го опишал изразот на лицето на ученик во прво, второ одделение кој гледа како неговиот наставник плаче, како другите наставници во улога на ученици го навредуваат Климент, и се потсетува дека истото се случило и со неговото другарче. Со сигурност можам да кажам дека пораката е успешно испратена, не само на нашите ученици туку и многу подалеку – вели наставникот Мирослав и додава дека самата желба на вработените и на учениците, како и постојаната поддршка од директорот Златко Тапчановски, им била доволна за повторно да се сплотат, да се мотивираат и да ја одберат најдобрата идеја што би ја разбрале и најмалите.

Наставникот Мирослав со своите второодделенци

- Конечната одлука за промена на улогите, а и другите одлуки во нашето училиште се донесуваат како и во секое семејство, со почитување на туѓото мислење и со договор. За ова потврди и неодамна постигнатиот успех на менторката, одделенски наставник Даниела Пиживска, и ученици од нашето училиште за најдобра постер-презентација на 4. Едуконференција што ја организира Здружението за развивање и дигитализација на образованието и културното наследство „Пријатели на образованието“ – вели Митиќ.

Тешко е да се остане верен на своите идеали

Наставникот има клучна улога во обезбедување квалитетно образование. Само со целосна посветеност и љубов кон работата се постигнуваат високи резултати, смета тој.
- Вклученоста во проектите е всушност модел на наставникот кој ќе го следат учениците. Професијата одделенски наставник бара постојано, континуирано и професионално усовршување. Ова не треба да произлегува од институциите, туку од самите нас да ја носиме желбата за нови чекори. Само на тој начин ќе одговориме на предизвиците што се јавуваат пред нас – категоричен е наставникот.

Мирослави Митиќ

На прашањето кое е местото на наставникот во нашето општество, тој вели:

- Кога ќе го изговориме зборот наставник, кај нас се јавуваат различни асоцијации. Но, сите можеме да се согласиме дека во последно време слушаме навреди, па дури и напади на наставниците. Се прашуваме која е причината за тоа? Ако се вратиме малку наназад ќе видиме дека нашата професија била една од најценетите и највлијателни, односно тоа било личност што се почитува. Да бидеш добар наставник не е само професија, впрочем тоа е огромен предизвик. Наставникот е пријател и морален столб, потпора и поддршка на своите ученици. На учениците не им го пренесуваме само знаењето, туку и радоста и топлината. Помагаме да ги откријат своите таленти, да развијат самодоверба, да сфатат колку се вредни. Вистинскиот наставник ги обликува децата на кои еден ден ќе остане светот. Бидејќи денешниот свет е полн со критики, лоши намери и други мачни моменти, тешко е да останеш верен на своите идеали, но во тие моменти треба да се потсетиме на тие мали дечиња кои во нас гледаат личност што ќе ја паметат целиот живот. Тие се наша мисија и благослов.

Наставниците Маја Димковска и Мирослав Митиќ

Наставничке, наставничке... извинете, наставнику

Родителите се интегрален дел на секое училиште. Тие треба да бидат повеќе вклучени преку разни креативни работилници, категоричен е Митиќ.

- Средбата родител и наставник не е средба помеѓу две институции, туку средба од која секој во своето подрачје ќе придонесе за правилно насочување во воспитно-образовниот процес. Некогаш е тешко да се постигне соработка од причина што има родители кои сметаат дека со поаѓањето на детето во училиште се ослободени од повеќето одговорности. Со сигурност тврдам дека децата на родители кои се вклучени во работата на училиштето повеќе соработуваат во воннаставните активности. Борбата е едноставна - соработката помеѓу родителот и наставникот е кога двете страни се еднакви, односно кога се однесуваат како истомисленици, да ги делат информациите, односно кога двете страни имаат активна улога во воспитно-образовниот процес – вели тој.



Професијата одделенски наставник, барем кај нас, е повеќе женска. Митиќ се смее дека секогаш му е интересно кога ќе му се обратат со „наставничке, наставничке... извинете, наставнику“.
- Кога ќе влезам во мојата училница, сите проблеми исчезнуваат. Никогаш немам зажалено што станав одделенски наставник. Сакам да подучувам, сакам да бидам со децата, со нив да се забавувам, да играм и да пеам. Во текот на мојата, би рекол, кратка кариера како одделенски наставник запознав многу дечиња што потекнуваат од различни средини, различни семејства, ученици со посебни потреби, но научив дека децата реагираат на внимание и на разбирање. Тешко им е да се стават во улога на некој друг, но кога ќе им објасниш дека тоа е погрешно, го поправаат своето однесување. Да, интересен е првиот школски ден на секое прваче, првиот час поминат со наставникот, песничката за мојата учителка.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема