Акутната миелоидна леукемија (АМЛ) е особено агресивна форма на рак на крвта, која обично брзо напредува ако не се лекува навреме. Иако болеста може да се контролира со хемотерапија (ремисија), кај многу пациенти се враќа. Трајно излекување е можно само со трансплантација на матични клетки - под услов леукемијата да биде доволно „контролирана“ однапред.
Ако агресивната леукемија престане да реагира на интензивна хемотерапија - шансите за лекување се намалуваат
Нова студија спроведена низ цела Германија, предводена од Медицинскиот универзитет во Дрезден, покажала дека комбинацијата од интензивна хемотерапија и супстанцијата венетоклакс може значително да ја подобри стапката на успех во лекувањето на агресивната акутна леукемија. Ова било потврдено со резултатите од студијата РЕЛАКС, со ремисија во 75 проценти од случаите, во споредба со претходните обиди кои дале само 40 проценти стапка на ремисија.
-Ако акутната миелоидна леукемија престане да реагира на конвенционалната интензивна хемотерапија или се врати, шансите за долгорочно излекување значително се намалуваат. Во овој случај, нашата цел е да им обезбедиме на пациентите потенцијално лековита трансплантација на матични клетки - објаснува професор д-р Кристоф Религ, раководител на одделот за хематологија и клинички испитувања при Универзитетската болница во Дрезден.
Новата комбинација на терапии ја зголеми стапката на ремисија
Со конвенционалните третмани, само околу 40 проценти од заболените успеваат да ја потиснат акутната миелоидна леукемија, до точка на постигнување таканаречена целосна ремисија - болеста е под границата на детекција и крвната слика се обновува.

Заедно со својот колега д-р Лео Рунке, професор Религ ја дизајнирал и надгледувал студијата РЕЛАКС - студија од рана фаза 1/2. Истражувачите испитувале дали комбинацијата на стандардна терапија со цитарабин и митоксантрон (ХАМ) со таканаречениот БЦЛ2 инхибитор венетоклакс може да ја подобри стапката на успех на таквата терапија. Како прв чекор, истражувачкиот тим ја тестирал толеранцијата во студијата РЕЛАКС. Во вториот чекор ја тестирал ефикасноста на комбинацијата на ХАМ и венетоклакс - Хам-Вен.
- Со новата комбинација ги зголемивме стапките на ремисија претходно забележани со конвенционална хемотерапија од 40 проценти кај пациентите на 75 проценти. Повеќето од третираните успеаја да добијат трансплантација на матични клетки - вели д-р Рунке.
Нов стандард на третман
Сегашните резултати укажуваат на охрабрувачки добра прогноза за пациентите третирани во студијата, велат истражувачите. Студијата РЕЛАКС покажува како академските, клинички истражувања во соработка со индустриски партнери можат значително да го подобрат третманот на ракот.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik