X
 21.04.2026 Живот

„Бев на неколку чекори од реакторот“ - потресна исповед на човек кој го чистел Чернобил

Во април 1986 година Сергеј Белјаков ловел риби покрај реката Днепар кога забележал дека нивото на водата нагло паднало. Тој необичен знак укажувал на сериозен индустриски инцидент. Само неколку дена претходно државната телевизија накратко ја споменала несреќата во нуклеарната централа „Чернобил“.

- Зборуваа дека се случила несреќа во нуклеарната централа и дека има неколку жртви, но дека сè е под контрола - се присетува Сергеј. Во тој момент верувал дека станува збор за обична индустриска несреќа. Но, она што следувало се претворило во една од најтешките нуклеарни катастрофи во историјата.

Експлозија што го промени светот

Во раните утрински часови, на 26 април 1986 година, во нуклеарната централа „Чернобил“, во градот Припјат, техничарите спроведувале рутински тест на реакторот. Кобната конструкциска грешка предизвикала експлозија која ослободила повеќе од 100 радиоактивни елементи.

Последиците беа катастрофални. Опасното зрачење се прошири надвор од границите на тогашниот Советски Сојуз, достигнувајќи до Шведска, но и до источниот брег на Соединетите Американски Држави.

Четириесет години по трагедијата, „Нешнл џеографик“ ја објави четириделната документарна серија „Чернобил: Во топењето“ (Chernobyl: Inside the Meltdown), која пренесува сведоштва на луѓе што ја преживеале катастрофата и нејзините последици.



Ликвидатори - цената на спасувањето

По почетните обиди за прикривање на размерите на несреќата, властите се потпреле на националната гордост и пропагандата за да привлечат доброволци за санација. Околу 600.000 луѓе, познати како ликвидатори, биле мобилизирани од Украина и од целиот Советски Сојуз.

Секој од нив бил изложен на ниво на зрачење од околу 2.000 рендгени на час, што одговара на четирикратна смртоносна доза. Меѓу нив бил и Сергеј, тогаш асистент на Украинскиот државен универзитет за хемиска технологија во Днипро.

Верувајќи дека неговото знаење од воената хемија ќе биде корисно, доброволно се пријавил и од јули до септември работел во зоната на исклучување. Бил задолжен за отстранување на површинскиот слој на почвата, прскање на зградите и рачно отстранување на графитот од покривот на реакторот број 4.

Неколку секунди ме делеа од смртта


Работата на покривот го довела на само неколку чекори од отворениот реактор. Експертите проценуваат дека изложеноста на тоа подрачје од само 30 до 45 секунди би била смртоносна. И покрај тоа, Сергеј на покривот излегол шест пати, опремен само со респиратор и две оловни плочи.

Последиците од таа работа ги чувствува и денес.

- Сè уште имам проблеми, интересно е што по сите овие години, луѓето не сфаќаат какво е влијанието на зрачењето врз телото  -вели тој.

Тогаш, како 30-годишник, ги почувствувал првите симптоми: силни главоболки, затнат нос и тешкотии при гледање во сонцето. По 42 дена поминати во зоната на исклучување се вратил дома со награда од 1.000 рубли, што денес би изнесувало околу 2.500 фунти и претставувало пет пати поголема сума од неговата тогашна месечна плата.

- Мојот имунолошки систем беше нарушен, имав проблеми со бубрезите и со црниот дроб, крвната слика ми беше катастрофална кога се вратив. Белите крвни зрнца беа на многу ниско ниво -вели Сергеј.



Контроверзи околу туризмот во зоната на катастрофата

Денес, на возраст од 70 години, Сергеј живее и работи во Сингапур. Од 1986 година не се вратил во Чернобил иако признава дека размислувал за тоа.

- Сакав да се вратам за да ја видам зоната од 30 километри. Како природата ја презеде контролата, како закрепна, како повторно стекна рамнотежа - објасни Сергеј.

Сепак, враќањето за него е чувствителна тема, особено поради т.н. „мрачен туризам“.

- Многу луѓе одат на тие патувања во Чернобил и тоа многу ме лути бидејќи мислам дека тоа е искористување на една огромна несреќа во историјата на човештвото - вели тој.

Иако се смета дека краткотрајниот престој во зоната денес е релативно безбеден, напуштениот град и судбините на луѓето што го жртвуваа своето здравје остануваат траен потсетник на трагедијата што се случи на 26 април 1986 година.

Извор: klik
Фото: принтскрин/јутјуб

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот