Во Германија во понеделникот почна да работи централа за производство на синтетички керозин, кој се смета за еколошка верзија на горивото што се користи за авионите. Во моментов авиоиндустријата стои зад околу 2,5 отсто од светските емисии на јаглероден диоксид.
Експертите велат дека таканаречените е-горива може да помогнат во намалувањето на загадувањето од авионите.
- Ерата на горење јаглен, нафта и природен гас е при крај. Истовремено, никој не треба да го жртвува сонот за летање. Затоа ни требаат алтернативи за вообичаениот керозин кој е штетен за климата - изјавила министерката за околина на Германија, Свенја Шулц, на отворањето на централата.
Фото: Pixabay
Централата се наоѓа во близина на границата со Холандија и ќе користи вода и електрична енергија од ветерници за да произведе водород, кој потоа се комбинира со јаглероден диоксид за да се направи гориво. Горењето на овој синтетички керозин создава толку јаглероден диоксид колку што претходно бил искористен во производството, па затоа процесот е јаглеродно неутрален.
Засега со процесот може да се произведат само осум буриња синтетички керозин дневно, што е доволно за еден мал патнички авион на секои три недели.
На почетокот цената на ова гориво ќе биде многу повисока отколку на обичниот керозин, иако засега не се открива точната сума. Централата веќе има клиент - германскиот авиопревозник „Луфтханза“.
Извор:
Euronews