Зимски температури, врева, турбуленции, мачнина и постојана опасност - сето ова било дел од луксузот што можеле да си го дозволат само најбогатите луѓе. И не, не се работи за глампинг (гламурозно кампување), туку за летање со авион.
Качувањето во авион денес е речиси исто толку лесно како качувањето во воз или возењето со такси. Но, пред еден век нештата биле покомплицирани.
Старите фотографии од 1930-тите покажуваат дека речиси сите патници носат јакни или палта. Не било тоа само поради модата, туку бидејќи тогаш во авионите немало греење и било свежо. Оние вреќи за повраќање што и денес ги има во повеќето авиони, иако речиси никој не ги користи, се од времето кога било вистински предизвик да не се поврати за време на летот.
Летањето на големи височини, исто како искачувањето на планини, може да предизвика неколку здравствени проблеми. Нискиот притисок на голема надморска височина му отежнува на телото да го апсорбира кислородот. Патниците чувствувале мачнина и отежнато дишење. Денес, сите авиони се полни со компримиран воздух, што овозможува попријатна атмосфера.
Но, првиот комерцијален лет со компримиран воздух не бил возможен дури до 1938 година. Дотогаш повеќето патници морале да користат хартиени кеси или специјални кофи кои биле поставени под седиштата.
Друг проблем кога немате нормален притисок во авионот е турбуленцијата. Без нормален притисок, пилотите можеле да се вивнат само до височина од околу четири и пол километри од земјата. Достигнувањето на таа висина било доста тешко. Тоа значело дека авионите морале да одат директно низ дождот и ветерот наместо да летаат над бурата, како што прават денес.
Ваквите патувања предизвикувале нервоза кај патниците, а биле и доста бучни. На пример, бучаваата при полетувањето достигнувала 120 децибели. За споредба, тоа е погласно од рок концерт. Стјуардесите тогаш на патниците им давале тампони за уши на патниците, а користеле и мегафони за да ја надминат бучавата на авионот.
Од друга страна, сите патници биле „прва класа“, бидејќи на почетокот се возеле само богатите, филмските ѕвезди и политичарите. Седиштата биле големи и удобни, прозорците биле големи, повеќе како прозорците на возовите, отколку како овие мали прозорци денес. „Клипер“ на „Пан Ам“, кој можел да слета на водена површина, во суштина бил летечки хотел со пет ѕвезди, од храната послужена на кинески порцелан, посебни тоалети за мажи и жени до удобни кревети.
Во текот на 1930-тите, летот од Њујорк до Лос Анџелес траел дури 25 часа со многу застанувања за гориво. Во 1938 година, 7-дневно патување од Лондон до Бризбејн, Австралија чинело 243 долари, што е околу 17.000 долари во денешни пари. Летот од еден до друг американски брег чинел околу 4.000 долари во денешни пари.
Извор:
Telegraf.rs
Фото: SZ-Photos