Одиме напред во секој поглед и секоја година за темпото на живот може да се примени олимписката девиза „побрзо, повисоко, посилно“. Па која е тогаш причината денешните летови, со побрзи и помодерни авиони, да траат подолго во споредба со летовите пред 40 години?
Денес патувањето со авион од Њујорк до Хјустон трае околу 4 часа. Истото патување во далечната 1973 година траело малку повеќе од два и пол часа. Ова секако не е издвоен случај – денес од Лондон до Единбург се лета 10 минути подолго отколку пред дваесетина години, од Мадрид до Барселона – 20, а исто толку и при летот од Њујорк до Чикаго.
И по сето ова логично се наметнува прашањето – како тоа во ерата на експлозивен технолошки напредок
летовите стануваат подолги наместо пократки?
Има неколку причини за тоа, но најважната е растот на цената на нафтата. Имено, некогаш галон нафта чинел 70 центи, а во еден момент цената се искачила над 3 долари. Компаниите тогаш сфатиле дека ако сакаат и понатаму да ја остваруваат зацртаната заработувачка, мора да летаат побавно, што автоматски подразбира и заштеда на потрошувачката на гориво. Само за пример, цената на галон нафта на крајот на 2016 година изнесувала 1,59 долар.
Вистинските заштеди се прилично големи, па така излезе податокот според кој американската компанија „Џетблу“ во 2008 година заштедила 13,6 милиони долари само со продолжување на секој лет за 2 минути!
Пред 4 години во јавноста протече податокот дека и „Рајанер“ ги инструира своите пилоти секој лет да го продолжат за две минути. Се разбира, станува збор за многу големи заштеди на годишно ниво.
Што да заклучиме на крај освен дека светот се движи нанапред со голема брзина, но авионите летаат побавно!