X
 06.10.2021 Живот

Неверојатна приказна за пилот кој висел на авионски прозорец сред лет и преживеал

За време на летот од Бирмингем до Малага, додека авионот летал над Оксфордшир, одеднаш се скршиле два од шесте прозорци во пилотската кабина.

Пилотот Тим ​​Ланкастер излетал низ прозорецот додека авионот се наоѓал на надморска височина од околу 7.000 метри. Исто така, вратата на пилотската кабина била разнесена поради преголемата сила од брзината, а стјуардот Најџел Огден едвај стоел на нозе.

- Се свртив и видов низ отворот каде што требаше да биде вратата на пилотската кабина дека нема предно ветробранско стакло и дека пилотот Тим излета низ прозорецот. Го видов само неговите нозе - изјави Огден веднаш по несреќата.

Огден отишол во пилотската кабина и успеал да го фати пилотот за нозете додека тој полека се лизгал низ прозорецот.

- Потоа, ја прексокнав контролната табла и го фатив за половината за да го извлечам посилно. Нозете му беа заглавени во контролната табла и случајно го исклучија автопилотот. Тоа придонесе брзината на авионот да се намали на речиси 650 километри на час - раскажува Огден.

За драмата да биде поголема, Огден почнал да се лизга низ прозорецот додека го држел пилотот. За среќа, дошол друг член на екипажот, Џон Хевард, и го фатил Огден за појасот.

pilot
Фото: Twitter

- Го држев Тим, но рацете ми стануваа сѐ послаби, па тој се лизна. Мислев дека ќе го пуштам, но тој се свитка во форма на буквата U околу прозорецот. Му течеше крв од носот и од главата, а рацете му трепереа. Најстрашното беше тоа што очите му беа ширум отворени. Никогаш нема да ја заборавам таа глетка - раскажува тој.

Додека копилотот Алистер Аткинсон успеал да ја преземе контролата, друга стјуардеса, Симон, исто така отишла во пилотската кабина, па се фатила за „синџирот“ направен од луѓе за поцврсто да го држат Тим.

- Се сеќавам дека копилотот Алистер се бореше да го контролира авионот и викаше „Мејдеј, мејдеј“ на радио. Само Бог знае како Алистер успеа да го стави авионот под контрола - раскажува Огден.

- Го пуштив Џон и истрчав назад да ги чувам патниците, кои го слушнаа ударот. Мојата колешка Су Принц сама се грижеше за сѐ во авионот - раскажува стјуардесата Симон, која кога проценила дека стјуардите можат да го држат Тим сами, истрчала во кабината за да ги смири патниците.

- Алистер имаше огромен притисок - нашите животи беа во негови раце. Но, тој совршено го слета авионот.

Авионот слетал на аеродромот во Саутемптон, каде што бил пречекан од итните служби.

Апсолутно неверојатно, но, за среќа, пилотот претрпел неколку скршеници и имал смрзнатини, но преживеал.

Според извештајот на Одделот за истрага на воздухопловни несреќи, мајсторот користел погрешни завртки за прицврстување на предното стакло на авионот. Во извештајот се наведува дека при процесот на инсталирање на предното стакло, кој се случува 27 часа пред полетувањето на авионот, во јуни 1990 година, имало голем број лоши работни практики, лоши процени и грешки во перцепцијата.

По несреќата Огден ја напуштил „Бритиш ерлајнс“ и отишол да работи во армијата, додека капетанот Тим Ланкастер, откако закрепнал, ѝ се вратил на работата како пилот.

Целиот инцидент бил претставен во документарниот филм наречен „Air Crash Investigation - Blow Out“.



Извор: Nationalgeographic.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот