Повеќето луѓе што прележале ковид-19 имаат значително полоши резултати на тестовите за интелигенција отколку што би се очекувало, покажа големото истражување објавено во списанието на „Лансет“, „Еклиникалмедисин“.
Научниците од Кралскиот колеџ во Лондон, кои се занимаваат со истражување на мозокот, односно неврологија, ги искористиле резултатите од тестирањето за големиот британски тест на коефициент на интелигенција, кое било спроведено во 2019 година.
Тестирањето за интелигенција, спроведено преку интернет, го направиле 81.337 луѓе во периодот од јануари до декември 2020 година, вклучувајќи ги и оние 13.000 заразени со ковид-19.
Потоа ги зеле предвид и го исклучиле влијанието на различните варијабли, како што се возраста, полот, образованието, финансискиот приход, расната и етничката припадност, медицинската историја, депресијата, заморот, претходните ментални проблеми и занимањето.
Истражувачите откриле дека оние што се заразиле со коронавирусот имале значително полоши резултати отколку што се очекувало во соодветната демографска група.
Недостаток е забележан и кај хоспитализираните и кај нехоспитализираните
Пациентите што завршиле на апарати за дишење имале најголем дефицит, еднаков на пад на
коефициентот на интелигенција од 7 бода, меѓутоа, бил забележан пад дури и кај лица што претрпеле блага форма на болеста.
- Дефицитите беа значајни кај хоспитализирани лица (N = 192), но и кај нехоспитализирани лица кои имаа биолошка потврда за инфекција со ковид-19 (N = 326). Анализата на маркерите за интелигенција не покажа дека овие разлики постоеле пред инфекцијата. Подетална анализа во овој случај беше изведена преку поттестови, па така беше поддржана хипотезата дека ковид-19 има влијание врз повеќе домени на човечката перцепција - велат авторите на студијата.
- Падот на интелигенцијата е најизразен во областите каде што се користат когнитивните функции, како што се расудување, решавање проблеми, планирање на просторот и откривање цели - додаваат тие.
Овие резултати се во согласност со извештаите за долг ковид, во кои најчесто споменуваат „мозочна магла“, проблеми со концентрацијата и тешкотии да се најдат вистинските зборови, додаваат научниците.
Фото: Freepik
Стареење на мозокот за околу 10 години
Кога резултатите од истражувањето беа првпат објавени, пред да бидат прегледани и објавени во соодветно списание, авторите наведоа дека забележале пад на интелигенцијата што одговара на стареењето на мозокот за околу 10 години.
Сепак, некои експерти кои не биле директно вклучени во истражувањето, посочија дека резултатите, иако се многу интересни, сепак треба да се земат со доза на резерва.
- Во истражувањето не биле познати когнитивните функции на учесниците пред да се заразат со ковид-19, а резултатите исто така не покажуваат дали пациентите можат да закрепнат по долго време, што значи дека ефектите врз когнитивните способности може да бидат краткорочни - вели Џоана Вардвал, неврохирург на Универзитетот во Единбург.
Во ова истражување, процената на интелигенција пред и по болеста е од особено значење бидејќи некои претходни истражувања покажаа дека луѓето со пониски когнитивни способности имаат поголема веројатност да заболат од ковид-19 и поостро се спротивставуваат на различни епидемиолошки мерки, како што се држење дистанца, носење маски и вакцинирање.
САРС-КоВ-2 навлегува во мозокот и предизвикува оштетување
Британските автори во воведот посочуваат дека одлучиле да направат истражување бидејќи сѐ повеќе истражувања покажуваат дека ковид-19 може да влијае врз мозокот. Имено, познато е дека некои вируси можат да заразат неврони, па и мозокот, а САРС-КоВ-2 припаѓа на таквите патогени.
На овој факт укажуваат симптоми како што се губење на чувството за мирис и истражувања кои покажаа дека пациентите со ковид-19 можат да развијат невролошки компликации, вклучувајќи ги и оние што се последици од мозочен удар, енцефалопатија, воспалителен синдром, микрокрвавење и автоимуни реакции.
Зошто треба да се чувате од САРС-КоВ-2 и други вируси?
Иако нема директен доказ дека вирусите предизвикуваат невродегенеративни заболувања како што е Алцхајмерова или Паркинсонова болест, научниците сѐ почесто предупредуваат дека воспалителните реакции предизвикани од вирусни инфекции може да бидат предизвикувачи на невродегенерација, особено кај луѓето што имаат генска предиспозиција за такви процеси.
Имено, секој воспалителен процес има потенцијал да предизвика оштетување на заразеното ткиво.
Со други зборови, прележувањето на ковид-19 може да резултира со тешкотии што стануваат очигледни само во староста.
Ова го поставува прашањето дали здравствените политики и однесувања треба да се регулираат на таков начин што вирусните заболувања ќе се избегнуваат дури и кога не се толку тешки како коронавирусот, меѓу другото, преку подобри кампањи за вакцинација.
Извор:
B92.net |
Lancet.com
Фото: Freepik