X
 20.07.2021 Наша тема

Доротеа Боцевска е единствената студентка-пилот: Таму горе над облаците е слободата

Постојат повеќе категории на лиценци кои еден пилот може да ги има, а јас моментално сум речиси на крај со мојата прва професионална обука, но дефинитивно не планирам да застанам само на ова, туку сакам да продолжам со моето образование и да се стекнам со уште најмалку две лиценци, вели Доротеа

Секогаш кога ќе се качам во авион, јас се исклучувам од целиот свет, па дури ги исклучувам и чувствата и целосно му се посветувам на авионот. Кога летам, единствено нешто што постои таму горе и за кое сум свесна е слободата, која не можам да ја споредам со ништо друго.
Вака го опишува летањето 23-годишната Доротеа Боцевска, една од ретките студентки-пилоти во Македонија. Нема граница за оваа млада, храбра и вредна студентка на ФИНКИ, а доказ за тоа е нејзината упорност и труд низ целиот процес на учење. Ова што сега го прави е подготовка за лет до подалечна дестинација, а тоа е исполнување на желбата за работа во некоја од вселенските агенции, како што се НАСА и ЕСА.

За почетоците, за нејзината љубов кон летањето, за соништата на кои напорно работи да станат реалност, зборуваме со Доротеа во ова интервју за Факултети.мк.



Кога се роди љубовта кон летањето? Раскажи ни како и кога се случи тоа.

- За мене важи едно чудно правило, тоа е дека сѐ што за другите е „страшно“, за мене е привлечно и мислам дека јас со таа љубов се имам родено, тоа можеше да се забележи уште кога бев дете. Паметам дека секогаш кога ќе слушнев звук од авион, оставав сѐ и трчав кон прозорецот за да можам да го видам, а тоа се случува и ден-денес. Во изминатите неколку години бегав од реалноста така што одев до некоја аеродромска писта и со часови ги гледав моите херои како ги слетуваат тие огромни „чудовишта“. Но, благодарение на големата љубов и желба, денеска и јас сум една од нив, односно станав херој на моите детски соништа и конечно слетувам авион токму на тие писти кои до вчера можев само да ги гледам оддалеку.



Луѓето неретко имаат предрасуди и знаат да ги делат професиите на машки и женски. Ти во моментов си единствена студентка-пилот кај нас, па какви се реакциите кога станува збор за твојот избор на идна професија?

- Живееме во едно општество каде што е „чудно“ да се види како девојка се занимава со некоја несекојдневна професија, но јас лично немам наидено на некој негативен коментар поврзан со тоа, туку напротив, кога ќе им кажам на луѓето со што се занимавам, во нивните очи гледам некоја среќа, љубопитност и, пред сѐ, восхит. Па затоа мислам дека сме на добар пат да ги надминеме тие предрасуди за машки и женски професии. Инаку да, за жал, на една рака можат да се избројат девојките во Македонија што сакаат да работат или да имаат хоби поврзано со авијација. Па еве со ова интервју на некој начин сакам да ги охрабрам сите млади, особено девојките, да не се плашат, да дојдат на аеродром и барем да ги погледнат авионите, да направат еден информативен лет, па така да се уверат дека ова не е толку бауч и сѐ што е потребно е само љубов, посветеност, концентрација и уште понекоја жртва, но тоа што ќе го добијат за возврат дефинитивно нема цена.



Најголема поддршка во животот ти е твојата мајка. Како реагираше таа на твоите желби да ја живееш оваа страст?

- Да, така е. Мајка ми секогаш ми ја дава најголемата поддршка во животот за сѐ, па сега и за летањето. Таа заедно со мене ги проживува сите моменти на тага, среќа и сето она низ кое поминувам за да го остварам мојот сон. Таа секогаш е до мене, дури и кога не сме физички блиску, па можам слободно да кажам дека таа ми е најголемиот мотив за сѐ во животот. Но, не е тајна дека пред да се запишам во школата за летање, мајка ми беше исплашена, но не и против мојата желба да станам пилот. Имав чувство дека во неа владее некој страв, кој се обидуваше да го прикрие и да не ми го пренесе мене, само сето тоа траеше многу кратко бидејќи кога ја однесов на аеродром, таа сфати дека доколку добро се научи, летањето не е опасно, па сега дури и повеќе од мене се радува кога треба да летам. Но, се разбира, освен мајка ми, морам да ги споменам и другите членови од моeто семејство и пријателите кои исто така се од голема важност и поддршка во ова што го правам и минувам за да дојдам до мојата конечна цел.

Наскоро ќе добиеш лиценца, со што и официјално ќе станеш пилот. Колку нивоа всушност постојат, односно какви сѐ дозволи може да поседува еден пилот?

- Постојат повеќе категории на лиценци кои еден пилот може да ги има, а јас моментално сум речиси на крај со мојата прва професионална обука во школата за летање тука во Скопје, но дефинитивно не планирам да застанам само на ова, туку сакам да продолжам со моето образование и да се стекнам со уште најмалку две лиценци. Велам категории бидејќи исто како и кај возилата, така и воздухопловите се поделени, на пример, студентите-пилоти можат да се стекнат со лиценци од категоријата UL (PL), односно лиценца за ултралесни авиони и PPL лиценца за приватен пилот, но секако овие лиценци се само за приватни потреби. А доколку пилотот сака да продолжи да гради професионална кариера во некоја авиокомпанија и да вози голем комерцијален авион, потребни се други лиценци кои може да се добијат во школата за летање во Штип или во некоја од нашите соседни држави. Но, секако, за да се стигне до тој степен, мора прво да се мине низ овој пат кој јас сега го поминувам и постепено да се оди од помал кон поголем авион.



Колку пати неделно леташ и каде? Какво е чувството да се биде високо, над сѐ?

- Знае да се погоди таква недела да летам секој ден, вклучувајќи го и викендот, но понекогаш може да се случи и да летам само еден ден во неделата, а тоа зависи од временските услови. Летањето на почетокот на обуката е само зонско над Скопје, односно над аеродромот бидејќи во тоа време се изучуваат основните пилотски техники и вештини и студентот-пилот се запознава со воздухопловот, но како што поминуваат часовите, тој зонски обрач се проширува и веќе летаме насекаде низ Македонија, притоа слетуваме на сите аеродроми што ги имаме. Ние, македонските студенти-пилоти, имаме голема среќа бидејќи освен на спортски аеродроми, имаме можност да слетуваме и на интернационалните во Скопје и во Охрид, што не е случај во другите поголеми држави каде што сообраќајот на аеродромите е погуст, па така шансите на студентите таму да се здобијат со такво искуство се помали. Што се однесува до тоа какво е чувството да се биде во височините, јас немам некој соодветен одговор бидејќи искрено никогаш и немам размислувано на таа тема. Секогаш кога ќе се качам во авион, се исклучувам од цел свет, па дури ги исклучувам и чувствата и целосно му се посветувам на авионот и на тој лет, бидејќи како што вели мојот инструктор, ние треба да летаме пред авионот, а не да одиме зад него и да ги поправаме неговите грешки. А за да го направиме тоа, потребно е да ги оставиме чувствата настрана и да се сконцентрираме само на летањето и на ништо друго, така што единствено нешто што постои горе и за кое сум свесна е слобода која не можам да ја споредам со ништо друго.



Ти си воедно и студент на ФИНКИ. Успеваш ли да се справиш со обврските на факултетот, со обврските на Академијата и во приватниот живот?

- На моменти тоа знае да биде многу тешко, понекогаш и болно бидејќи да се балансира меѓу две такви професии не е лесно, особено кога тоа треба да го правиш истовремено, но доколку љубовта кон сето тоа и тежината на жртвата што треба да ја дадеш ги ставиш на една вага, секогаш љубовта ќе ја зазема потешката страна, па би рекла дека е тешко, но не и невозможно. А што се однесува до мојот приватен живот, сакам да кажам дека сум еден голем среќник бидејќи од сите страни сум опкружена со луѓе кои се преполни со разбирање и поддршка, а кога велам сите страни, не мислам само на семејството, туку и на пријателите и би рекла дека ги имам најдобрите другари во цел универзум, кои се секогаш тука рамо до рамо со мене без разлика дали треба да се слави или да се тагува. Тие се преполни со разбирање за тоа што го правам, па така немам притисок кој се создава околу мене и ме воведува во ситуација да треба да одбирам меѓу нив и мојот професионален живот и за тоа сум им неизмерно благодарна.



Какви се твоите планови за иднината?

- Сето ова што го учам и правам во моментов, освен моја голема љубов, би го нарекла и попатна станица до мојата конечна дестинација, а тоа е работа во некоја од вселенските агенции како што се НАСА и ЕСА, со кои неодамна имав некои соработки кои сакам во иднина да продолжат и да се преточат во нешто многу поголемо, па така изборот на факултет и летањето не се случајно залутани желби, туку и делови од сложувалката која всушност го гради тој сон, односно план за мојата иднина.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема