Ова се податоците добиени од истражувањето на австралиско-американската компанија „Интернет 2.0“.
Според нивното истражување, Виролошкиот институт во Вухан, Универзитетот за наука и технологија во Вухан, Институтот за сточарство и ветеринарна медицина со седиште на Академијата за земјоделски науки и Центарот за контрола и превенција на болести во Хубеи биле некои од институциите кои од мај 2019 година направиле необично големи нарачки на ПЦР-комплети за тестирање.
Ова е само еден од доказите дека Кина се обиде да го прикрие почетокот на ширењето на епидемијата, која подоцна стана пандемија и се прошири низ целиот свет. Исто така, познато е дека траги од ковид-19 се пронајдени во европски примероци на крв земени пред болеста да биде пријавена во Светската здравствена организација.
Откриени нови докази
Во меѓувреме, Кина ги задржа доказите за потеклото на вирусот, што ја натера СЗО подлабоко да ги испита сите настани поврзани со појавата на пандемијата.
Американско-австралиските истражувачи откриле нови докази преку пребарување податоци за нарачки за ПЦР-тестови во Кина во текот на 2019 година.
Потрошувачката на ПЦР-комплети за тестирање во провинцијата Хубеи се удвои од 5,7 милиони долари во 2018 година на 10,4 милиони долари во 2019 година. Нарачките почнале да растат во мај 2019 година и го достигнале врвот во јули истата година.
Фото: Freepik
Вирусот се ширел летото 2019 година?
- Врз основа на анализираните документи, дојдовме до заклучок дека постои голема веројатност вирусот да се проширил низ Вухан уште летото 2019 година и дефинитивно беше присутен таму есента 2019 година - наведува компанијата „Интернет 2-0“ во извештајот.
Но, други истражувачи се на мислење дека е невозможно да се заклучи зошто ПЦР-тестовите се купени само од податоци достапни на интернет.
Акира Игата, професор на Високата бизнис-школа „Тама“ во Токио, рече дека тоа е силна информација за тврдењето за појава на вирусот во Вухан неколку месеци, па дури и половина година пред декември 2019 година.
- Овој извештај може да биде поттик за земјите повторно да побараат информации од Кина за тоа што се случи - додаде тој.
Развиени во 1983 година
ПЦР-тестовите биле развиени во 1983 година, а освен за детектирање ковид-19, тие се користат и за тестирање на други болести, вклучувајќи ХИВ, туберкулоза, голема кашлица и разни вирусни заболувања.
Кина го пријави првиот случај на пневмонија од „непознато потекло“ во Вухан до Светската здравствена организација на 31 декември 2019 година и достави генски податоци за таа болест на 5 јануари 2020 година. Дури на 11 јануари го пријавија првиот смртен случај. Предупредувањето за ширење на инфекцијата беше испратено од Кина дури на 20 јануари.
Фото: Freepik