X
 26.06.2020 Живот

Државата во која стотици илјади луѓе не слушнале за коронавирусот

Во јуни минатата година владата на Мјанмар го укина пристапот до интернет во девет града проади загриженоста дека ќе се користи за разгорување на судирите меѓу војската на Мјанмар и бунтовниците.

Едно населено место го врати интернетот во мај, но осум други, со население од околу 800.000 луѓе, и понатаму немаат увид во важен проток на информации.

Независните организации за човекови права „Хјуман рајтс воч“ и „Амнести интернешнл“ велат дека исклучувањето на интернетот го става животот на овие луѓе во опасност, не само затоа што ги спречува луѓето да пријавуваат евентуална злоупотреба на човековите права туку и затоа што овие луѓе се отсечени од кампањите за јавно здравје во екот на пандемијата на Ковид-19.

- Со вооружени конфликти помеѓу мјанмарската војска и армијата Аракан во Ракајн среде пандемија, клучно е цивилите да ги добијат потребните информации за да останат безбедни - се вели во соопштението на Линда Лакхир, правен советник во Азија за „Хјуман рајтс воч“.

Од понеделникот Мјанмар забележа шест смртни случаи и 292 позитивни случаи со 64.532 направени тестови, според министерството за здравство.

Неколку случаи има во населбите Мангдав и Бутиданг во северната држава Ракајн, каде што повеќе од 100.000 луѓе живеат во преполни логори.

Како што вирусот почна да се шири низ целиот свет на почетокот од оваа година, владата на Аунг Сан Су Чи лансира програма „Ниедно лице да не се остави“ за превенција на болести, како што е барањето за социјално дистанцирање.

Но пратеникот Хтут Меј, кој ја претставува Националната лига за демократија на Аракан во парламентот, изјави дека многу луѓе што живеат во северната држава Ракајн и соседната држава Чин воопшто не знаат за препораките што циркулираат на „Фејсбук“, како ниту за апликациите и владините веб-страници.

- Кога ги прашувам луѓето во мојата изборна единица дали се свесни за Ковид-19, јас треба да им ја објаснам глобалната пандемија од почеток. Морам да им објаснам што е социјалното дистанцирање и како да практикуваат соодветна хигиена на рацете - вели тој.

mjanmar
Фото: Pixabay

- Не можам да патувам поради Ковид-19, така што можам да предупредам само мал број луѓе. Не се плашат од вирусот затоа што не знаат ништо за него. Во оваа фаза тие се далеку позагрижени за конфликтот - додава тој.

Конфликтот на оваа територија избувна кон крајот на 2018 година меѓу војската на Мјанмар и добро опремената армија Аракан, која сака поголема автономија за ракајн-будистите, мнозинство од населението во државата Ракајн.

Како што војната беснее, исклучувањето на интернетот резултира со повеќе цивилни смртни случаи, оневозможувајќи им на луѓето информации. Судирите се зголемија без оглед на тоа дали има или нема интернет - 151 цивил биле убиени и 344 биле повредени во судирите меѓу јануари и мај.

- И двете армии ги кршат човековите права, а без интернет луѓето се отсечени од новинарите и од локалните и меѓународните невладини организации кои би можеле да ги пријават овие работи - вели Хин Киав Мо, пратеник што ја претставува Националната партија на Ракајн.

Како и многу други нации, и Мјанмар воведе полициски час, забрани големи собири и воведе карантин за странците што пристигнуваат во земјата во обид да го контролира ширењето на вирусот.

Владата воведе и казни за лицата што не се придржуваат до правилата, вклучувајќи и затворски казни за оние што ќе ги прекршат наредбите за карантин.

Се чини дека реагирањето на земјата го спречи ширењето на вирусот, но не остана без критики.

- Затворањето стотици луѓе во преполни, нехигиенски затвори ја уништува целта да се спречи ширењето на Ковид-19 - изјави Фил Робертсон од „Хјуман рајтс воч“.

Пристапот на Аунг Сан Су Чи во врска со пандемијата може да се сврти против неа бидејќи земјата се подготвува за избори годинава.

- Во 2015 година верував во неа и бев среќен што ќе работам со неа. Мислев дека таа ќе им помогне на луѓето во оддалечените области да добијат пристап до интернет. Не мислев дека ќе ги отсечи - вели пратеникот Меј.

Од друга страна, податоците за вирусот на Су Чи нема да имаат влијание врз нејзиниот изборен резултат - поради исклучувањето на интернетот, голем број луѓе од оваа земјата воопшто не знаат ни дека вирусот е присутен.

Извор: CNN
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот