X
 07.11.2020

Тивкиот успех на Финска во борбата против Ковид-19

Додека милиони луѓе низ цела Европа се соочуваат со нови мерки на блокада за да се справат со новиот бран на Ковид-19, Финска ги повлекува ограничувањата: стапките на инфекции опаѓаат, додека ставовите кон ограничувањата остануваат најпозитивни на континентот.

Иако големо меѓународно внимание е насочено кон лесниот пристап на Шведска кон вирусот, Финска тивко успеа да го контролира бројот на заразени петпати под просекот на ЕУ, со помал удар врз економијата и една десетина од бројот на смртни случаи по глава на жител од нејзиниот скандинавски сосед.

Во последните две недели оваа нордиска земја забележа 45,7 нови случаи на 100.000 жители - најниската стапка во ЕУ според Светската здравствена организација и е единствената земја чии стапки на нови инфекции се намалени од претходните две недели.

- Ситуацијата изгледаше загрижувачка кога имаше брз раст на инфекциите претходно во октомври - изјави Мика Салминен, главен епидемиолог во земјата.

- Но, јасно е дека пикот помина - додава тој.

Официјалните лица сметаат дека ваквите резултати се должат на раните активности на владата кои вклучуваа двомесечно затворање на државата во март и забрана за патување во и надвор од главниот град. Оттогаш општеството во голема мера повторно се отвори и беше развиен ефикасен систем за тестирање и следење на контактите, кој е поддржан од апликација за паметен телефон. Станува збор за апликацијата „Корона флеш“, која е преземена 2,5 милиона пати во земја од 5,5 милиони жители. Апликацијата ги избегна проблемите поврзани од приватноста или функционалноста, кои погодија слични иницијативи во земји како Британија и Норвешка.

Како и на другите места во нордиските земји, високото ниво на доверба кон финските власти значеше мал отпор кон владините мерки.

finska
Фото: Freepik

Не само што Финците ги следеа правилата, туку истражувањето на Европскиот парламент минатата година покажа дека 23 отсто од испитаниците во земјата изјавиле дека карантинот им го подобрил животот, со што Финска стана најпозитивна земја во Европа во однос на ограничувањата. Една од причините е веројатно лесното префрлување на работа на далечина во високото дигитализирано општество.

- Економијата е структурирана така што не е потребен голем дел од финската работна сила да биде на самото работно место - вели Нели Ханконен, вонреден професор по социјална психологија на Универзитетот во Хелсинки.

Но и карактерот на Финците, честопати опишувани како резервирани и љубители на природата, може да има своја улога.

- Ние и не сме многу социјални луѓе. Сакаме да сме сами и да бидеме изолирани - вели Ханконен.

Бројот на купувачи и луѓе во рестораните во главниот град Хелсинки изгледа речиси ист како пред пандемијата. Малкумина носат маски, иако властите неодамна почнаа да даваат препораки за носење.

Економијата на Финска се намали за 6,4 отсто во вториот квартал, значително помалку од просекот на ЕУ (14 отсто), но овој удар беше навистина голем за угостителската индустрија. Тековното ограничување на капацитетот од 50 отсто и пократко работно време значи дека многу ресторани ќе мора да отпуштат многу вработени.

Сепак, тоа што нема рестрикции на отворено и „стаклените куќарки“ им помогнаа на рестораните малку да живнат.

Извор: Ctvnews.ca
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk