X
 04.08.2021 Наша тема

Колумна на д-р Џансун Буковец: Невидлив непријател

Зарем не беше доста верувањето во небулози, не беше ли тешко гледањето како некој болен се мачи, нели беше болно губењето на близок?

Автор: д-р Џансун Буковец

Заблудени во медицината, навлезени во хируршките гранки, немавме време да се заинтересираме за новата кобна болест. Дружбите после успешно положени испити продолжуваа во полна пареа. Едниствена грижа ни беше „положил“, „неположил“. Токму ослободени од испитите, почнавме да го мирисаме гадниот мирис на болеста. Во искушение чекавме кога ќе не снајде новата беља. Никој ништо не знаеше. Се до едно променливо облачен мартовски ден. Новиот непосакуван гостин, SARS-CoV-2, со вртоглава брзина се ширеше од една во друга земја. Најстариот континент беше заробен од ̴̴ 100 нанометарски непријател.
Кога ни тропна на нашата врата беше 26.2.2020 година. За нас студентите, можеби едниствената грижа „положил“, „неположил“ го даде местото на страв за здравјето на нашите блиски и на граѓаните за кои се запишавме на медицина.
Граѓаните во општа паника се засолнија во нивните домови. Од каде да знаеја дека нема да ја дочекаат пролетта на полјани, дека пролетниот мирис ќе го вдишат само од отворените прозори, нема длабоко да нурнат во кристални води во едно жешко лето? Од каде да знаеа дека жолтата есен нема да им го промие талогот од црните денови, а белата зима нема да им ги покрие отворените рани?
Секој сам знае што поминал. Никој не може да заборави како некој близок го качуваат во амбулантно возило и го носат на болница. Солзите станале река, молитвите крик, а срцата трошки. Непроспиени ноќи, оплакани денови, црни мигови.Секој момент над глава виси, а на душа тежи стравот од неповратна разделба.
Минути, часови, денови поминати во болници. Во чекање за една добра вест, во искушение некој да отвори врата, а тој те очекува внатре со од пот оросено чело.
Со влажни очи секоја разделба, во дума секој момент. Во придружба на звуци од машини, крикови, икање, кашлање, плачови, срцебиење и со молитви поминати секунди во болничките соби.
Куќите полни, а улиците празни и мрачни, парковите осамени, дворовите без детски џагор. Луѓето се повеќе оддалечени, разделени и раздалечени. Исчезната топлина, загубена срдечност, замината искреност, а сѐ друго виртуелност.
Денес сме помалку со 5.493 деца, мајки, татковци, баби, дедовци, соседи, роднини, пријатели. Згаснати 5.493 животи. Полни со скрб. Цвили земјата по 5.493 овенети цветови. 5.493 трагови неизбришани од нашите куќи, срца и мисли.
Зарем не беше доста верувањето во небулози, не беше ли тешко гледањето како некој болен се мачи, нели беше болно губењето на близок?
Колку долго може да издржиме без прегратките на нашите родители, баби дедовци? Колку време ќе ни е изговорот новиот вирус?
Вакцинирањето ќе нѐ поврати во друштвата весели, на планините раззеленети, на ридовите расцветани, на деновите полни со безгрижна дружба. Старите нѐ чекаат да ги посетиме, роднините нѐ чекаат да им тропнеме на врата, пријателите нѐ чекаат да се собереме купче. Езерата наши, реките силни, сите нѐ чекаат нас. А ние сме далеку од нив колку една мала игла. Со еден мал убод спасени илјадници животи, со еден убод задушени татнежи. Ете, толку сме далеку да сме хероите кои спасиле животи.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема