X
 06.10.2022 Живот

Алкохолот е забранет во јавност, како и размената на нежности. Што ги очекува фудбалските обожаватели во Катар?

Малата држава на Арапскиот Полуостров е во фокусот на медиумите и пошироката јавност во последните неколку месеци поради Светското првенство, прво во историјата што не се одржува во летните месеци.

Од 21 ноември до 18 декември дури 32 светски фудбалски репрезентации ќе се борат за титулата на различни локации низ Катар. Земјата ќе биде домаќин на околу 1,5 милион навивачи, а поголемиот дел од сместувањето е веќе резервирано. Цените на преостанатите капацитети вртоглаво растат, а многумина се прашуваат каков ќе биде животот на многу странци што во живо ќе ги гледаат омилените спортисти во земја позната по строгите правила на однесување.

Во продолжение ви претставуваме неколку интересни факти за Катар кои можеби не сте ги знаеле, а доколку сте обожавател и имате билет в џеб - имаме и неколку корисни совети што би требало да ги следите.

Викендот е во петок и сабота, а недела е првиот работен ден во неделата

Зборот викенд е изведен од англискиот збор „Weekend“, што се преведува како „крај на неделата“, а овој термин е дефиниран на различни начини во различни култури. И додека повеќето западни земји саботата и неделата ги нарекуваат викенд, Катар е земја која го следи исламскиот закон, според кој петок и сабота се нивни „денови за релаксација и одмор“. Зошто? Објаснувањето е многу едноставно. Петок е ден за молитва и тоа е време кога се затворени сите трговски центри во земјата. Тие се отвораат само по попладневната молитва. Изгледа така ќе биде и за време на Светското првенство бидејќи властите во Катар бараат сите угостителски објекти да бидат затворени за време на петочната молитва.

катар
Фото: Unsplash

Во Катар живеат повеќе мажи отколку жени

Друг факт што на посетителите на Катар можеби ќе им биде интересен е односот на бројот на мажи и жени во земјата. Имено, според последниот попис на населението од 2020 година, во Катар живеат 2,8 милиони луѓе, но само нешто повеќе од 700.000 се жени. Пред десет години, мажите сочинуваа 74 отсто од вкупното население, а повеќето од нив живееја во Доха. Како е тоа можно? Во потрага по подобра работа и живот, земјата ја населуваа имигранти кои претежно беа припадници на машкиот пол. Приливот на странци е особено голем во последните неколку месеци поради големата побарувачка на работници за подготовките на Мундијалот. Денес, Катарците се всушност малцинство во сопствената земја и сочинуваат само околу 20 отсто од населението.

Прекршок е да бидеш пијан во јавност, но властите дозволија консумирање пиво за време на Светското првенство


Продажбата на алкохолни пијалаци е дозволена само во луксузни хотели. Според катарскиот закон, прекршок е да се биде пијан во јавност, што загрижи многу обожаватели кои ќе ја посетат оваа земја на крајот од годината. Добрата вест за нив е што властите дозволија консумирање алкохол на фудбалските натпревари на Светското првенство, но три часа пред почетокот и еден час по последниот судиски свиреж, а не и за време на натпреварот. Пиво ќе се служи за навивачите со билети во областа околу стадионите.


Просечната надморска височина е 28 метри, па ако сакате да одите на излет во планините, заборавете на таа идеја


Планинарењето е нешто што туристите често сакаат да го прават кога ќе дојдат во друга земја. За некои тоа е она што го дефинира одморот. Меѓутоа, доколку планирате патување во Катар, добро е да знаете дека оваа активност овде не е опција. Катар е една од најрамните земји во светот. Просечната надморска височина е само 28 метри, што секако не е доволно за искачување. Затоа, ако очекувате да видите ридови и планини, ова не е земја за вас, но за љубителите на височините има импресивни облакодери изградени речиси на секој чекор. Исто така, нема ниту една шума во целата земја, затоа не очекувајте зелени пространства и бујна вегетација.

Забранет е вонбрачниот секс, како и јавно разменување нежности

Многу од она што е дозволено во западната култура е крајно непожелно овде. Страсните фудбалски навивачи пред неколку месеци беа предупредени дека „врските за една ноќ“ може да доведат до седум години зад решетки. Исто така, во оваа земја вонбрачниот секс е строго забранет, па фудбалските обожаватели што ќе ја посетат земјата мора да бидат подготвени за тоа. Исто така, се забранува каква било размена на нежности во јавноста. Иако ФИФА изјави дека сите посетители се добредојдени на турнирот, расте загриженоста кај некои навивачи кои беа спречени да резервираат и да делат хотелски соби.

Ги имаат најдобрите авиокомпании во светот


Нивната национална авиокомпанија нуди луксузни салони, луксузни места за спиење, па дури и базени и релаксирачки бањи во своите авиони на одредени аеродроми. Патниците уживаат во непречениот процес на резервации и не мора да се грижат за откажаните летови, грешките во резервацијата и изгубените пари. Сето ова се причините поради кои „Катар ервејс“ беше прогласен за најдобра авиокомпанија во светот на „воздухопловните Оскари“ рекордна седма година по ред.


Литар бензин чини помалку од шише вода


Најголем дел од туристите во Катар главно се жалат на превисоките цени на становите и изнајмувањето хотели и апартмани, што ќе биде проблем за многумина посетители. Од друга страна, литар бензин чини помалку од шише вода, а другите цени се споредливи со големите европски градови. Арапскиот јазик е официјален јазик, а исламот е официјална религија и игра важна улога во секојдневниот живот на жителите. Ако одлучите да живеете во оваа земја и успешно да работите со локални компании, мора добро да ја знаете нивната религија, како и нивните општествени обичаи. Имајте на ум дека поздравувањето на Блискиот Исток може да потрае навистина долго, што не е типично за западната култура.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот