X
 06.10.2023 Живот

Дали е неизбежна ерупција на супервулканот во Европа?

На 27 септември земјотрес со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала го погоди Неапол. Ова беше најсилниот земјотрес што го доживеа вулканската област позната како Кампи Флегреи во повеќе од четири децении. Името на областа потекнува од грчки јазик и означува „полиња што горат“.

Тоа е еден од многуте, но најсилниот од малите земјотреси што неодамна го потресоа регионот. И експертите и јавноста стравуваат дека овие земјотреси би можеле да предизвикаат ерупција на супервулкан и да ги принудат луѓето на масовна евакуација.

Што е Кампи Флегреи?

Кампи Флегреи е депресивна вулканска област, формирана како резултат на повторени експлозивни ерупции. Една од нив, од пред 40.000 години, била една од најмоќните катастрофи во светот и влијаела на глобалната клима. Некои истражувачи проценуваат дека ова можело да доведе до истребување на неандерталецот.

Преку Неаоплскиот Залив од Камп Флегреи се наоѓа Помпеја, клучна туристичка атракција во Јужна Италија. Во Помпеја, во 79 година илјадници луѓе загинале при ерупција на Везув.

Кампи Флегреи е дом на многу поголем вулкан од Везув, кој многумина го нарекуваат супервулкан. Понекогаш вулканот се нарекува следниот Везув, бидејќи нема да добие свое име додека не еруптира. И покрај тоа што експертите не забележале вулкански конус во земјата низ кој би течела лавата, ако вулканот еруптира со целосна моќ, може да убие милиони и да уништи цели градови.

region

Зошто сега постои страв од вулканска ерупција?

Вулканскиот регион во близина на Неапол се протега на околу 180 квадратни километри, а епицентарот на неодамнешните земјотреси паѓа во регионот Кампи Флегреи.

Додека илјадници мали потреси се почувствувани во регионот од 2019 година, нивната фреквенција и интензитет се зголемија оваа година. Ова ги зголеми сомнежите дали вулканот што се подготвува под површината ќе еруптира во блиска иднина.

Одделот за цивилна заштита предупреди дека сеизмичката активност е погорлив проблем отколку вулканска ерупција во моментов и дека може да се очекуваат повеќе земјотреси. На нивните социјални мрежи тие забележаа дека неодамнешните потреси не предизвикале поголема штета. Но, побараа од локалните власти да ги проверат зградите да не има оштетување за да ја идентификуваат слабоста во случај на нови потреси во иднина.

Експертите сугерираат дека заканата од вулканска активност доаѓа од геолошкиот феномен наречен брадисеизам, кој е вообичаен во регионот. Тоа е вертикално искачување на почвата поради притисокот од магмата долу.

Во раните 80-ти години слично зголемување на потресите беше почувствувано во регионот, но не доведе до вулканска ерупција.

Иако италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (INGV) издаде предупредување дека може да се очекуваат нови земјотреси во наредните денови, досега не е забележан доказ за зголемување на магмата.

Што може да се случи за време на ерупција?


Во регионот Кампи Флегреи отсекогаш имало експлозивни ерупции. Ако тоа се случи повторно, може да се формира висока еруптивна маса од гас, парчиња лава и пепел.

Доколку ерупцијата е доволно силна, би можела да влијае врз глобалните температури и климата и потенцијално може да доведе до многу потопла зима на северната хемисфера.

Извор: Detusche Welle
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот