Десничарската партија „Браќа на Италија“ победи на вонредните парламентарни избори во Италија што се одржаа вчера. Италија првпат во историјата ќе има жена-премиер, и тоа екстремната десничарка Џорџа Мелони. За разлика од многу десничари, Мелони ја осудила руската инвазија на Украина, но и негува необична опсесија за делата на Толкин.
Привремените резултати покажале дека десниот блок треба да има убедливо мнозинство во двата дома на парламентот, што е потенцијална ретка можност за политичка стабилност во Италија по години пресвртни и нестабилни коалиции. Меѓутоа, Мелони и нејзините сојузници се соочуваат со многу предизвици, како цените на енергентите, војната во Украина и економското забавување.
- Мора да запомниме дека не сме на крајната, туку на почетна точка. Од утре мора да ја докажеме својата вредност - изјавила 45-годишната Мелони.
Мелони ја минимизира важноста на постфашистичките корени на нејзината партија и ја претставува како мејнстрим-партија. Таа ветила дека ќе продолжи да ја поддржува политиката на Западот кон Украина и нема да експериментира со кревките италијански финансии.
Таа повикува да има повеќе бенефиции за семејствата, помалку европска бирократија, ниски даноци и прекинување на имиграциите. Има цел да ги затвори италијанските пристаништа за мигрантите што пристигнуваат од Либија. Таа сака повторно да преговара за договорите со ЕУ и членството на Италија во валутната заедница за еврото. Нејзината партија ги отфрла и правото на абортус и истополовите бракови.
„Браќа на Италија“ поддржува политика на соочување со нискиот наталитет во земјата, предлагајќи отворање бесплатни градинки и воведување помош од 400 евра месечно за семејствата. Партијата не фаворизира излегување на Италија од ЕУ.
Мелони е блиска со унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и со десничарските партии во Франција, Шпанија и САД. Таа покажала поддршка за Украина и Атлантскиот сојуз, создавајќи контраст со ставовите на поранешните лидери Матео Салвини и Силвио Берлускони.
Левичарите ја нарекуваат „носталгичарка за фашистичките времиња“, но таа самата не бега од минатото, ниту пак јасно се оградува од него. Во младоста била дел од младинското крило на неофашистичката партија „Италијанско социјално движење“. Тогаш имала само 15 години, а подоцна го водела студентскиот разгранок на крајната десничарска партија „Национална алијанса“. Мелони во својата биографија пишува дека е свесна дека се наоѓа во политичко минско поле.
- Ние сме деца на нашата историја. Целата наша историја. Како што е случај со сите други народи, патот кој сме го поминале е сложен, многу покомплициран отколку што многумина сакаат да покажат - навела таа.
Извор:
Buka