Сите сме присуствувале на состанок на кој не сте научиле ништо. Сепак, многу компании продолжуваат да одржуваат редовни состаноци со изговор дека тие се неизбежни. Меѓутоа, факт е дека многу состаноци дефинитивно може да се прескокнат. Компаниите може да воведат процес за исфрлање на непотребните состаноци, а да се одржуваат оние што носат вредност за вработените, тимовите и целите компании.
Претприемачот Нир Ејал посочува на некои работи за состаноците во компаниите. Како што вели тој, непотребните состаноци се скапи бидејќи ја намалуваат мотивацијата на вработените и негативно влијаат врз нивната продуктивност. Состанок од еден час со пет лица со просечна годишна плата од 100.000 долари чини околу 350 долари. Ова значи дека секојдневните или неделните состаноци ги чинат големите компании илјадници долари годишно.
Ејал посочува дека состаноците веројатно ги чинат компаниите уште повеќе затоа што вработените најчесто престануваат да работат 15-20 минути пред состанокот и губат време додека повторно се фокусираат на работата по состанокот.
За која цел треба да служат состаноците?
Единствената цел на состаноците треба да биде да се добие консензус за одредена работа и ништо повеќе, вели Ејал. Состаноците не се социјални настани, известувања и сесии за размислување.
Според Ејал, социјализацијата е битна, но таа не е состанок. Известувањата треба да се испраќаат преку електронска пошта, а сесиите за размислување секогаш доведуваат до здодевни состаноци. Овие сесии треба да се прават помеѓу двајца луѓе, а не групи бидејќи во групите, најплатените и најдоминантни вработени ќе го водат разговорот.
Како да одлучите дали ви е потребен состанок?
Состаноците треба да бидат ретки и треба да се одржуваат само кога е потребен консензус. Организаторите треба претходно да испратат информации за темата на состанокот, како и агенда. На состанокот треба да се обидат да најдат решение кое потоа ќе го преточат во пишана форма.
Овие чекори одземаат повеќе време за организаторите, но се гаранција дека состанокот ќе биде ефективен и само најбитните работи ќе бидат дискутирани, а вработените нема да изгубат многу време.
Извор:
Psychology today
Насловна фотографија: Pixabay