Кога сте заглавени и работите работа што не ве исполнува, сечие работно место може да ви изгледа подобро од вашето. Затоа сте во искушение кога ќе ви се укаже првата можност, да ја промените работата - бидејќи шефот е фин, колегите сакаат да ви помогнат или работата е близу вашиот дом.
И додека сите фактори се важни (некои повеќе, некои помалку), можеби ќе ви помогне да размислите, односно да си го поставите вистинското прашање пред да го направите следниот важен потег во кариерата.
Статија од „Харвард бизнис ривју“ ги истражува најдобрите начини за поставување на темелите на кариерата, а еден од најважните заклучоци е да размислите долгорочно. Како поранешен директор на „РиВорк“, Натаниел Колок еднаш рекол: „Креирањето на кариерата е различно од стратегијата за барање работа“.
Наместо да се запрашате себеси: „Која работа ја сакам?“, Колок советува да се прашате себеси: „Каков живот сакам?“, а тоа понатаму значи - каде сакате да бидете за 5, 10 или 20 години?
Без разлика која одлука ќе ја донесете во блиска иднина, таа треба да ги рефлектира долгорочните цели во кариерата.
Колок се потсетува на советите на Бил Барнет и Дејв Еванс, професори од „Стенфорд“ и автори на книгата „Дизајнирање на вашиот живот“.
Барнет и Еванс советуваат да водите разговори што го формираат животот пред да направите каква било суштинска промена во кариерата: разговарајте со некој што го постигнал она за кое вие се надевате дека еден ден ќе го постигнете, нека ви ја раскаже својата приказна. Не само што ќе дознаете како личноста стигнала дотаму, туку и ќе бидете информирани за тоа каков би бил вашиот секојдневен живот.
На тој начин ќе можете да донесете
одлука за тоа дали сакате да продолжите по истиот пат. Истражувачите велат дека луѓето често пати не се објективни во предвидувањето на тоа колку ќе се променат во иднина и затоа често ги менуваат плановите. И токму поради таа причина, треба да бидете информирани од прва рака за патиштата по кои планирате да тргнете.
Фото: Freepik