Имаат повеќе сантиметри во висина, повеќе килограми, повеќе расипани заби, повеќето се со искривен ’рбет, рамни табани, оштетен вид. Ова е разликата меѓу денешните деца и оние пред повеќе децении. Преголемиот избор на храна што не е здрава, многу „висење“ пред електронски уреди, како телевизори, компјутери, мобилни телефони, недоволно дружење и активност си го земаат данокот, велат лекарите. Децата денес неверојатно многу се разликуваат од оние некогаш, и физички и според моторичките способности.
Помала физичка способност
Владимир Карановиќ, професор по физичко воспитување во Србија, работел на истражување во кое ги споредувал физичките карактеристики и способности на средношколки со податоци од пред стотина години. Истражувањата, пренесува порталот „Зелена учионица“, покажале дека тие денес тежат десетина килограми повеќе и се за 10 сантиметри повисоки. Истовремено имаат за два-три пати помали моторички способности и се помалку издржливи. Професорот смета дека за тоа е виновен начинот на живот.
- Искуствата укажуваат дека редовна работа на часовите по физичко може за 10 до 15 проценти да ја зголеми физичката способност на децата – вели Карановиќ.
Нашите лекари, исто така, забележуваат големи промени кај децата од пред повеќе децении и сега. Д-р Љупка Бундалеска веќе 30 години работи како специјалист по школска медицина во диспанзерот во Карпош.
- Во мојот долг работен век забележувам изразено често лошо држење кај училишните деца. Една од причините за тоа е што премногу време минуваат пред компјутери, таблети, мобилни телефони, а имаат и лошо држење во училишните клупи. Лошото држење неретко знае да премине во проблем поради искривувања на ’рбетот како кифоза, сколиоза, кифо-сколиоза, па да се третира со носење корсети или други ортопедски помагала, одење на физикална терапија. Се зголемува и бројот на тешки форми на деформитети кои мора да се оперираат. Во урбаните средини голем број деца се активни, што е позитивна превентивна мерка - вели д-р Бундалеска.
Порано влегуваат во пубертет
Лекарите забележуваат и сè поголем број на деца со рамни стапала поради носење несоодветни обувки, но и поради тоа што недоволно одат боси.
- Пред дваесетина години, на пример, поретко забележувавме деца со рамни стапала - вели докторката.
Во последните години, објаснува таа, евидентна е појавата на зголемена телесна тежина или на дебелина кај децата, особено кај основците. Лекарите заклучуваат дека не се хранат здраво, многу јадат брза храна, индустриска храна, како и многу шеќери.
- Пред неколку децении ретко можеше да видиме дебело дете. Исто така, факт е дека сега децата се повисоки, девојчињата се визуелно покрупни и порано влегуваат во пубертет - додава д-р Бундалеска.
За разлика од порано, сега има сè повеќе деца и млади што имаат проблем со видот.
Се спасуваат забите
Пред 10 години 12-годишниците просечно имале по 6,67 расипани, пломбирани или извадени трајни заби, бројка која се смета за многу висока, а за која не придонесува само лошата исхрана, туку и несоодветното одржување на хигиената. Светската здравствена организација вели дека треба да е помала од три. За да се спасат забите, тимови од стоматолози работат на едукација кај децата, а вршат и залевање на забите за да спречат кариес. Расипаните заби се исто така нешто што ги разликува децата од порано и овие сега.
- По пет години бројот на расипани, пломбирани или извадени трајни заби го намаливме за повеќе од половина - вели д-р Севдалина Јаневска, специјалист по детска и превентивна стоматолошка заштита и републички координатор на националната стратегија за превенција на орални заболувања кај деца до 14 години.