Дури и ако никогаш не се логирате на најголемата социјална мрежа на светот, таа ќе знае барем нешто за вас. Еве како.
За да имате подобра претстава што се профили во сенка, замислете си двајца пријатели, Барбара и Иван. На почетокот од приказната двајцата немаат профил на „Фејсбук“.
Но, во еден момент Барбара одлучува да ни се приклучи. Таа прави профил, ја инсталира апликацијата и почнува да внесува податоци. Додека го прави тоа, од „Фејсбук“ ја прашуваат дали ќе им ги даде своите контакти за полесно да се поврзи со пријателите што исто така се на таа социјална мрежа.
Сметајќи дека тоа ќе ѝ го олесни животот, Барбара одобрува пристап до нејзините контакти. Веднаш потоа „Фејсбук“ почнува да чешла по нејзините контакти и ги собира сите достапни податоци за нив, како телефонски броеви, електронски пошти итн.
Со помош на тие податоци може да се открие кои корисници Барбара веќе ги познава. Тие се означени како „луѓе што можеби ги познавате“.
Звучи простодушно. И би било ако алгоритмите на „Фејсбук“ воедно не би собирале податоци и за пријателите на Барбара кои не се на „Фејсбук“, како Иван. Така доаѓаат до неговото име, број на телефон, електронска пошта и други податоци, иако тој и понатаму не е на „Фејсбук“.
Таа база на податоци може да биде корисна доколку Барбара го наговори Иван и тој да си направи профил на „Фејсбук“ бидејќи социјалната мрежа веќе ќе има подготвени препораки за луѓе што тој можеби ги познава. Но, тоа е само еден од изворите на податоци за профилот во сенка на Иван. Десетици луѓе, без оглед на тоа во каков однос се со Иван, би можеле да се пријават на „Фејсбук“ и да дозволат пристап до нивните контакти.
Дали „Фејсбук“ ви кажал како го прави тоа?
Да. Компанијата ја освежи својата политика за заштита на приватноста за во неа да наведе дека тие пристапуваат до податоците собрани од мобилните телефони и ги користат истите.
Што можете да преземете?
За жал, не постои начин со кој директно би можеле да управувате со профилите во сенка. Секојпат кога некој корисник на „Фејсбук“, кој ве има меѓу своите контакти на телефонот, ќе се логира на социјалната мрежа, вашите лични информации се додадени на вашиот профил во сенка. Евентуално можете да го промените телефонскиот број или електронската пошта, но тоа и не е баш практично.
Исто така, можете да ги замолите пријателите што се активни на „Фејсбук“ да ги исклучат поставките за синхронизација, но и тоа не е баш практично затоа што би морале да ги замолите сите корисници на „Фејсбук“ што ги познавате да го направат истото.
Ако, сепак, се решите за нов телефонски број и електронска пошта, треба да внимавате со кого ги споделувате.
Дали „Фејсбук“ некогаш ќе се откаже од профилот во сенка?
Не е невозможно, но се сомневаме дека тоа ќе се случи. Компанијата успеа да го преживее и скандалот со „Кембриџ аналитика“, што доволно зборува за значењето на тие
профили во сенка за „Фејсбук“.