Нашите соговорници велат дека во Македонија има квалитетни и барани програмери, ги има во изобилство, но нас нè интересираше колку од нив остануваат овде. На големо изненадување, добивме позитивен одговор
Во последните години ИТ-индустријата зема сериозен замав како една од клучните гранки за подобар, поедноставен, модерен свет. Во последно време и Македонија станува плодна почва за успешни програмери кои се барани од светски компании. Меѓу младите луѓе расте трендот и интересот да станат софтвер-инженери, но, за жал, повеќето од нив, откако ќе ги завршат студиите или некоја академија, си заминуваат од нашата земја.
За тоа дали нашето поднебје нуди услови за програмерите, што значи да се биде програмер во Македонија, но и за тоа дали постојат граници во однос на возраста, т.е. кога најдоцна можеме да почнеме да се занимаваме со програмирање, зборуваме со Фјола Рамадани Фета и Александар Ѓурчиноски, млади програмери од меѓународната ИТ-компанија „Scalefocus“.
- Го одбрав програмирањето како професија бидејќи има многу голема можност за креативност и слобода. Како програмер работам веќе неколку години, можам да работам од каде што сакам, без разлика дали е тоа од канцеларија, кафуле, дома, од некое место во природа, планина, па дури и од плажа. Како млада мајка на мало дете, благодарение на оваа флексибилност, можам да ги завршам сите приватни обврски секојдневно без никаков проблем бидејќи моите работни обврски не ме ограничуваат од 8 до 15 да бидам некаде, туку можам во кое било време од денот и од каде било да одговорам на мојот личен ангажман – вели Рамадани Фета.
Фјола Рамадани Фета со оваа професија се занимава веќе пет години и вели дека ја одбрала поради флексибилноста.
Александар Ѓурчиноски со програмирање се занимава веќе осум години. Тој почнал како аналитичар на податоци во банкарски сектор, потоа имал пракса за програмирање, извесно време се занимавал со креирање веб-апликации, а може да се пофали и со тоа дека бил основач на првата академија во Македонија за „DataScience“.
- Кога го напишав првиот код, сфатив дека програмските јазици може да ми донесат многу и за лична сатисфакција, но и финансиски во животот. Морам да признам, патот воопшто не е лесен, доста е трнлив, но на крајот се исплати бидејќи овие технологии немаат граници. Голема сатисфакција претставува и да се биде дел од тим кој ми овозможува да имам и вертикален и хоризонтален раст. Тоа значи дека може да се развивате како менаџер или архитект во соодветната технологија (вертикален раст) или доколку во иднина се развивате и совладувате други технологии, може да се приклучите на друг тим (хоризонтален раст) - вели Ѓурчиноски.
Дали постои услов, рок кога најдоцна може да се почне со учење на оваа професија?
- Нема граници кога да се почне бидејќи овие технологии се достапни на секој чекор или клик на интернет. Денес, секој може сам да истражи кон што да се насочи. Морам да нагласам дека патот е многу макотрпен, но оној што сака да учи, што е трудољубив и истраен, ќе успее, без разлика на возраста. Ние работиме со повеќе технологии, а компанијата го поддржува развојот на сите програмери и им дава можност и шанса на сите почетници без разлика кон која технологија се насочиле за да го усовршат своето знаење - објаснува Александар.
На ова се надоврза и Фјола и сподели конкретен пример за вработен во нејзиниот тим.
- Во мојот тим имаме човек кој доаѓа од областа на медицината и во животот сменил повеќе професии што немаат никаква врска со ИТ, но успешно ја завршил академијата и со многу труд стана дел од компанијата и е успешен во својата работа како програмер.
Во минатото програмирањето се поврзуваше со посилниот пол, ретки беа жените што се занимаваа со оваа професија. Нашата соговорничка тврди дека нештата драстично се променети во последните години и дека жените програмери застануваат рамо до рамо со мажите, а во некои средини постојат многу поуспешни и поискусни жени од кои мажите учат.
- Кога се запишав на факултет, имаше интерес, но денес жените во ИТ-индустријата се застапени многу повеќе. За кратко време интересот многу се зголеми, па веќе можам да кажам дека воопшто нема разлика помеѓу мажите и жените, како во бројноста така и во знаењето. ИТ-индустријата има повеќе насоки кон кои може да продолжиш, не е само програмирањето. Затоа ги охрабрувам сите девојки, доколку математиката и информатиката им се омилени предмети, да продолжат да се унапредуваат во таа насока - вели Фјола.
ИТ-индустријата е широко поле кое нуди бесконечно можности за оној што сака да учи, за оној што има желба да си го најде својот простор бидејќи областа нуди различни работни позиции кои се меѓусебно поврзани.
- Нашата компанија функционира на неколку континенти, со што ние, вработените, имаме можност да имаме директна комуникација со колеги од многу земји и да имаме допир со различни култури. Покрај тоа што работно се развиваме, истовремено имаме можност и да споредиме како живеат од другата страна на планетата, да ја споредиме економијата и да се инспирираме од другите и да сфатиме дека и ние овде можеме да живееме подобро и поубаво. Тоа што работиме онлајн и се поврзуваме секојдневно со нашите прекуокеански консултанти, клиенти... ни покажува дека истото што би го работеле таму, го работиме и овде, така што не претставува разлика точката на функционирање - вели Александар.
- Компанијата се грижи за нас професионално, но и постојано нè мотивира на различен начин. Ќе споменaм дека една од бенефициите што ги имаме e тоа што располагаме со специфичен буџет за различни намени, како здравје, забава, спорт - додава Рамадани Фета.
Што е потребно за да станеш добар и успешен програмер?
- Ако сакаш да бидеш успешен програмер, мора постојано да напредуваш, да бидеш во тек со сите промени што се случуваат во ИТ-индустријата - вели Фјола.
- Секојдневно мораш да се надградуваш - додава Александар.
Дека интересот за програмирање во Македонија е сè поголем, зборува и фактот што оваа релативно млада компанија, која во нашата земја постои две години, веќе има над 100 вработени.
Нашите соговорници велат дека во Македонија има квалитетни и барани програмери, ги има во изобилство, но ги прашавме колку од нив остануваат овде.
- Нашите софтвер-инженери се многу добри. Пазарот на програмери во Македонија е препознаен во светот, голем број од светските компании ги бараат нашите програмери - вели Ѓурчиноски и нагласи дека и во иднина, со дигитализацијата и развојот на индустријата, се очекува сè повеќе да се бараат софтвер-инженери.
- Сега веќе математиката има сериозна примена како наука и доаѓа до израз во ИТ-индустријата. И што е најважно, во оваа професија нема граници за вашата креативност - вели Александар.