Дали сè помасовната употреба на вештачката интелигенција навистина предизвикува големи отпуштања и губење на работните места или реалната состојба е поинаква?
Истражувањата на ОЕЦД и „Антропик“ покажаа дека ситуацијата и не е толку црна како што може да изгледа на прв поглед. Презентирајќи ги резултатите од истражувањето, Томислав Доминковиќ, главен извршен директор на Универзитетот „Алгебра Бернајс“, истакна дека клучно е да се разбере што вештачката интелигенција, односно нејзините алатки навистина можат да работат, а во што луѓето и понатаму се подобар избор.
Тој наведе дека индикаторите на ОЕЦД ја покажуваат способноста на вештачката интелигенција во реплицирањето на човечката интелигенција и им помагаат на носителите на одлуки да ги разберат способностите на ВИ во однос на човекот. Истражувањето е објавено во 2025 година и е спроведено на модели кои тогаш биле достапни. Според ОЕЦД, денешните модели на ВИ главно се наоѓаат меѓу второто и третото ниво (од вкупно пет): многу добри во јазикот и некои когнитивни задачи, а послаби во долгорочното планирање, социјалното разбирање и „вистинското“ критичко размислување.
- ОЕЦД сака државите и фирмите да имаат заеднички начин на процена кои работи ВИ ќе може да ги автоматизира, како ќе мора да се менува образованието и каде ВИ може да им помага на луѓето, а каде претставува ризик. Една од клучните пораки на извештајот е дека ВИ напредува побрзо отколку што општеството ги разбира последиците. Затоа на општеството му требаат јасни и споредливи показатели, слично како што постојат тестови за човечки вештини (на пр., ПИСА) - истакна Доминковиќ.
Тој нагласи дека во моментов луѓето во повеќето случаи ја користат вештачката интелигенција за рудиментирани работи, па затоа и резултатите се такви. Само ретките, како програмерите и научниците, ги користат нејзините „повисоки“ способности.
Причината за тоа, појасни Доминковиќ, лежи во фактот дека вештачката интелигенција изгледа едноставна за употреба, но за да ја користиме за посложени прашања, треба да знаеме како да ги поставиме тие прашања. „Ако не го поставиме добро прашањето, одговорите знаат да бидат смешни или глупави. Затоа е важна едукацијата на луѓето за да знаат да ја користат на вистински начин“, додаде тој.
Дали програмерите ќе изумрат?
Иако моделите се развиваат многу брзо и во некои области достигнуваат ниво на многу квалитетни експерти, реалното ниво на нивното користење и понатаму е далеку под теоретските можности. Ова го покажува и истражувањето на „Антропик“ од овој март, во кое се нагласува разликата меѓу она што ВИ теоретски може да го направи и она за што корисниците во практика навистина ја користат. Ако ги споредиме индикаторите на ОЕЦД за ВИ со теоретскиот максимум на „Антропик“, резултатот е дека нивото на користење е далеку од теоретските можности (33 проценти).
Истражувањето на „Антропик“ покажува дека сè уште нема систематско зголемување на невработеноста поради вештачката интелигенција, туку се случува преместување на одредени профили од технолошката индустрија во други индустрии кои, исто така, доживуваат дигитална трансформација преку развојот на софтверски решенија.
На пример, некои работи исчезнуваат или се заменуваат со вештачката интелигенција, но се создаваат други кои досега не постоеле.
-Технолошките компании сакаат да влијаат и психолошки, па најавуваат катастрофални последици од користењето на вештачката интелигенција. Но, историјата покажа дека новата технологија ги намалува трошоците за труд и ја зголемува побарувачката, исто како по појавата на парната машина - појасни Доминковиќ.
Затоа, смета тој, потребно е да се промени ставот кон користењето на вештачката интелигенција и таа да се прифати што е можно поскоро.
Фото: