X
 06.12.2018 Живот

Во внатрешноста на тунелот на „Хезболах“ што Израел никогаш не го открил

Влезот во тунелот е скриен со крошна дабови дрвја што ја покриваат едната страна од планината. Во внатрешноста, придушени светилки даваат минимална светлина на патот низ тесниот ходник и малите простории каде што воздухот е ладен и влажен. Има кујна, спална соба со поставени душеци, соба за молење и команден центар каде што наредбите се даваат преку радио.

Вака изгледа внатрешноста на тунелот на „Хезболах“. Израелската армија, најголемиот непријател на милитантната група, оваа недела започна операција за уништување тунели многу слични на овој, кој е откриен под границата и води до Израел.

Но, овој тунел во Млета, јужниот дел на Лисабон, останал неоткриен цели девет години и бил користен од борците на „Хезболах“ за напади врз окупаторските израелски војници. Денес, тој е дел од големиот интерактивен музејски комплекс што ја прославува таа борба.

1
Фото: The Independent


- Израел не знаеше за овој тунел додека не го отворивме за јавноста во 2010 година. Цело време се чуваше во тајност - вели Ахмед Мансур, портпарол на музејот.

Во време кога подземните активности на „Хезболах“ се под надзор, музејот во Млета служи како потсетник за клучната улога што вооружените тунели ја имале во минатото, а веројатно ќе ја имаат и во иднина.

Работата на тунелот започнала во Млета во 1989 година, за време на окупацијата на Израел врз Либан од 1982 до 2000 година. Биле потребни 1.000 мажи и повеќе од три години за да се ископа, а кога бил завршен, станал важно место за групата, дозволувајќи им на борците да се движат неоткриени од беспилотните летала и авиони.

Кога Израел на крајот се повлече од Либан, „Хезболах“ за брзо време почна да се подготвува за следната битка. Групата поддржана од Иран на југ изградила стотици други комплекси како овој.

- Помеѓу 2000 и 2006 година, „Хезболах“ изградила детална и сеопфатна подземна инфраструктура на јужната либанска граница, која се состоела од бункери и тунелски мрежи - вели Николас Бланфорд, автор на книгата „Божјите воини: Во внатрешноста на триесетгодишната борба на Хезболах против Израел“.

2
Фото: The Independent


Овие тунели се користеле во катастрофалната војна во 2006 година помеѓу „Хезболах“ и Израел, во која биле убиени повеќе од 1.000 либански цивили и 44 Израелци. Конфликтот завршил во ќор-сокак, но „Хезболах“ го сметал за победа.

- Можеа да лансираат ракети од подземните објекти близу до границата со Израел и да ги нападнат израелските трупи што ја пробиле либанската територија - вели Бланфорд.

Во изминативе неколку години „Хезболах“ и Израел го продолжија ривалството на боиштата на граѓанската војна во Сирија. Но, како што конфликтот се намалува, Либан повторно станува фокус и за „Хезболах“ и за Израел.

Израелската војска во вторникот почна да копа од нејзината страна на границата и подоцна објави дека истиот ден уништила еден тунел што започнувал во дом близу пограничното село Кфар Кала. Тунелот се протегал околу 40 метри во Израел.

Откритието ги зголеми тензиите по должината на границата. Во вторникот израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги нарече тунелите неприфатлив чин на безобѕирна агресија.

- Овие прекугранични терористички тунели беа изградени од „Хезболах“ со директна поддршка и финансирање од Иран. Тие беа изградени со една цел: да напаѓаат и да убиваат невини израелски мажи, жени и деца - вели тој.

- Тунелите пронајдени сега веројатни биле таму со години - додава тој.

tuneli
Фото: The Independent


Мансур, портпаролот на музејот, објавувањето на израелската операција го нарече пропаганда и го поврза нејзиниот тајминг со скандалот со корупција во кој е вмешан Нетанјаху.

- Нетанјаху е во критична ситуација. Тој сака да создаде вознемиреност и да го одвлече вниманието на луѓето од проблемите - вели тој.

- Откривањето на тунелите, за Хезболах не е крај на светот. Голема е веројатноста да има тунели за кои Израелците не знаат и нема да можат да ги откријат - вели Бланфорд.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот