X
 06.12.2022 Култура

Зошто Габриел Гарсија Маркес никогаш не дозволил да се сними филм за неговиот роман „Сто години самотија“?

Габриел Гарсија Маркес, колумбиски писател и добитник на Нобеловата награда за литература, дал голем придонес за латиноамериканската литература да биде во центарот на вниманието на светската културна јавност.

Тој се смета за најпознатиот писател на магичниот реализам, жанр во кој митовите и магијата се испреплетени со реалноста на секојдневното постоење. Детството го поминал со неговите баба и дедо, од кои слушал приказни проткаени со суеверие, а тие подоцна станале столбот на неговите дела.

Поголемиот дел од својот живот го поминал во Мексико и Европа, а неговото најпознато дело „Сто години самотија“ е продадено во над 30 милиони примероци, а било преведено на 35 јазици.

Оваа книга била клучна за Маркес да ја добие Нобеловата награда за литература во 1982 година.

Романот, кој првпат бил објавен во 1967 година, ја прикажува 100-годишната историја на измислениот колумбиски град Маконда низ седум генерации на семејството Буендија.

100 godini
Фото: Instagram

Интересно е тоа што повеќето книги на Маркес добиле своја филмска адаптација, додека романот „Сто години самотија“, иако најпознат, не заживеал на филмското платно.

Познатиот писател еднаш ја кажал причината зошто никогаш не дозволил да се снима филм според ова дело.

- Режисерите би избрале некој како што е Роберт Редфорд. А повеќето од нас немаат роднини што личат на Роберт Редфорд - објаснил во една пригода Маркес.

Освен тоа, Маркес бил загрижен дека филмската адаптација ќе ја намали креативноста на читателите бидејќи тие си ги замислуваат ликовите, настаните и местата на субјективен начин (читајќи го романот) отколку кога ќе бидат претставени на екранот.

Освен тоа, Маркес верувал дека не може да се сними филм под временските ограничувања на долгометражен филм или да се продуцира на друг јазик освен на шпанскиот.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура