Трејлерот за хоророт во продукција на мексиканскиот оскаровец Гилјермо дел Торо наречен „Antlers“ веќе ги преплаши гледачите откако беше објавен на „Јутјуб“.
Зад режисерската палка се наоѓа Скот Купер, кој нема искуство со хорор-филмови, но токму поради тоа Гилјермо одлучил да го ангажира.
- Гилјермо е фантастичен, полн е со поддршка и има неверојатна имагинација, па ова беше навистина одлична соработка. Многу сум среќен што ме побара мене - изјави Купер.
На „Твитер“ трејлерот беше опишан како одличен, а многумина признаваат дека беа преплашени.
„Аntlers“ е базиран на кратката приказна „Тивкото момче“ од Ник Антош, кој со Купер и Хенри Чејсон работел на сценариото. Во филмот глумат Кери Расл, Џереми Томас и Џес Племонс, а неговата премиера ќе биде на 17 април 2020 година.