X
 16.06.2021 Култура

Добриот филм може да биде повеќе од забава, може да ни го промени животот

Добриот филм може да биде повеќе од забава - може да му помогне на човекот да се чувствува поподготвен да се соочи со животните предизвици и да биде подобра личност, покажа новото истражување објавено во списанието „Мас комјуникејшн енд сосајети“. И можеби тоа е причината зошто луѓето понекогаш избираат филмови со тешки теми или оние што ги прават тажни, велат научниците.

Филмовите како стимул за животoт


- Сериозните филмови всушност им помагаат на луѓето да се справат со тешкотиите во сопствениот живот и ги охрабруваат да се стремат кон поважни цели - објаснува првиот автор на истражувањето, Џеред От од Државниот универзитет во Охајо. Многу истражувања испитале како луѓето реагираат на филмови или филмски спотови, во експериментални услови, вели Мајкл Слејтер, професор по комуникација и еден од авторите на истражувањето. Новото истражување, нагласува тој, е дизајнирано да види како филмовите влијаат врз луѓето во реалниот свет, како луѓето ги доживуваат во секојдневниот живот.

Два типа филмови - инспиративни и помалку значајни


За ова истражување, истражувачите направиле две листи со 20 холивудски филмови снимени по 1985 година, кои биле високо на листата со најгледани. На едната листа биле филмови како „Хотел Руанда“, „Бегство од Шошенк“, „Шиндлеровата листа“ и „Милионер од гетото“, кои на IMDb се опишани како трогателни, инспиративни или значајни филмови. Филмовите од другата листа беа оние што истражувачите ги опишале како помалку значајни, како „Рататуј“, „Борачки клуб“ и „Евтини приказни“. Околу 1.100 возрасни луѓе учествувале во истражувањето и тие ги добиле двете листи, а потоа кажале кои филмови ги гледале. Задачата на испитаниците била да пополнат анкета за еден од овие филмови, што истражувачите случајно го избрале.

Мотивот да се насочиме кон навистина важни работи во животот

Луѓето што гледале посериозни филмови, остварувања што им оставиле длабок впечаток, почесто одговарале дека филмот им помага да разберат разни тешкотии во животот. Посериозните филмови, според истражувачите, имаат поголема веројатност да им помогнат на гледачите да прифатат одредена човечка состојба или животна ситуација. Гледачите на филмови што имале сериозна тема, животна приказна, најчесто изјавувале дека филмот ги мотивирал да бидат подобри личности, да прават добри работи за другите луѓе и да го бараат она што е важно во животот.

филм
Фото: Freepik

Учесниците требало да изберат и да го оценат значењето на три вредности од листата, од вкупно 16 презентирани во филмот, вклучувајќи и „достигнување и личен успех“, „љубов и интимност“ и „храброст“.

- Откривме дека луѓето се чувствуваат поспособни да ги разберат тешкотиите во нивните животи кога ќе се сетат на филм што се фокусирал на вредностите што им биле важни - објаснува професорот Слејтер, додавајќи дека тоа се случило дури и кога филмот бил класифициран како помалку значаен.

Истражувачкиот тим наведува дека наодите покажале зошто некои луѓе ги сметаат филмовите повеќе од забава. Некои филмови можат да им помогнат на луѓето да се справат и да пораснат во тешки периоди од нивниот живот, истакнуваат научниците. И ефектот на филмот и впечатокот што му го остава некому, како и пораката што е длабоко врежана, некои луѓе ги препознаваат дури и по години од гледањето одреден филм.

Извор: Consumer.healthday.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура