X
 07.01.2024 Технологија

Кои премиум телефони најмногу се продаваа во 2023?

Производителите на паметни телефони се тркаат да продадат што повеќе паметни телефони во сите пазарни сегменти, а најпрестижен е пазарот на премиум телефони. Компанијата „Епл“ со години доминира на овој пазар, додека другите брендови се трудат да ја прекинат таа доминација. Дали нешто се смени минатата година?

Најново истражување на аналитичката компанија „Каунтерпоинт рисрч“ го дава одговорот. Според дефиницијата на компанијата, премиум телефони се оние уреди што на големо се продаваат за 600 долари или повеќе.

Според резултатите од истражувањето, уделот на премиум телефоните на целиот пазар во 2023 година изнесувал дури 24 отсто, што е рекордна бројка, исто како и фактот дека една третина од сите продадени премиум уреди се со цена над 1.000 долари. За споредба, уделот на премиум телефоните беше 6 отсто во 2016 година, 8 отсто во 2017 година и 13 отсто во 2018 година.

Сепак, и покрај тоа што опфаќаат само четвртина од вкупниот пазар, премиум телефоните им донесоа 60 отсто од вкупниот приход на производителите.

„Епл“ го намалува уделот, „Хуавеј“ расте

„Епл“ доминираше и во 2023 година, со дури 71 отсто од уделот на пазарот. Сепак, во 2022 година имаше удел од 75 отсто. „Самсунг“ останува лидер во продажбата на премиум телефони кои работат на „Андроид“, а во 2023 имал удел од 17 отсто во целиот пазар.

Најголемо изненадување е „Хуавеј“. Кинескиот произведувач го зголемил уделот од 3 отсто во 2022 на 5 отсто во 2023. „Шаоми“ има удел од 2 отсто, а „Опо“ има удел од 1 отсто. Сите други брендови држат 4 отсто удел во вкупната продажба.


Фото: Counterpoint research

Извор: Smart life
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија