X
 11.07.2019 Технологија

Стив Вознијак: Сакате приватност? Откажете се од „Фејсбук“!

Коосновачот на „Епл“, Стив Вознијак, препорачува повеќето луѓе да го затворат својот фејсбук-профил ако сакаат приватност.

- Постојат различни видови луѓе, а за некои придобивките од „Фејсбук“ се вредни за губење на приватноста. Но, за многумина, меѓу кои сум и јас, мојата препорака е - најдете начин да се исклучите од него.

Или „Фејсбук“ и неговите конкуренти треба да дадат можност за приватност, посочи Вознијак.

- Луѓето мислат дека имаат ниво на приватност, но немаат. Зошто не ми даваат избор? Дозволете да платам одредена сума и чувајте ги моите податоци посигурно - вели тој.

Во април 2018 година Вознијак го избришал својот фејсбук-профил.

- Во процес сум на напуштање на „Фејсбук“. Ми донесе повеќе негативни работи отколку позитивни. „Епл“ има побезбедни начини за споделување работи за себе - напиша Вознијак пред да го деактивира неговиот профил.

- Корисниците споделуваат секакви детали од нивниот живот на „Фејсбук“, а потоа „Фејсбук“ прави многу пари од нив. Профитот се собира од информациите на корисникот, но корисниците не добиваат никаков профит. Мислам дека ова никако не можеме да го спречиме. Овие социјални мрежи може да ти го измерат отчукувањето на срцето со ласери, можат да те слушаат со многу уреди. Којзнае, можеби мојот мобилен телефон сега е прислушуван - изјави Вознијак.

И Тим Кук, извршниот директор на „Епл“, го впери прстот на Силициумската долина во врска со овој проблем.

- Во последно време се чини дека оваа индустрија станува позната по помалку благородна иновација - верувањето дека можете да добиете заслуга без да прифатите одговорност. Ова го гледаме секој ден со протекувањето на податоци, повредата на приватноста, прогледувањето низ прсти на оние што користат говор на омраза, лажните вести што го трујат националниот разговор, лажните чуда во замена за една капка од вашата крв. Малку е лудо што некој треба да го каже ова, но ако изградите фабрика за хаос, не може да ја избегнете одговорноста за тој хаос - рече Кук.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија