Без разлика дали авиокомпаниска апликација ви кажува дали вашиот лет е одложен или постои бесплатен безжичен интернет и области за полнење на уредите, нема сомнеж дека технологијата изминатава деценија помогна во подобрувањето на искуството на патниците на аеродромите.
Но, каква разлика ќе направи технологијата за 10 години?
- Технологијата ќе игра голема улога на аеродромите и ќе биде клучен двигател во создавањето на секој аспект од непреченото патување - вели Шери Штајн, шеф на технологијата за СИТА, технолошка компанија што обезбедува ИТ и телекомуникациски услуги во индустријата за воздушен сообраќај.
Нина Брукс, директорка за ИТ-безбедност на „Ерпортс кансил интернешнл“, трговско здружение за светските аеродроми, се согласува и додава дека технолошките иновации денес се клучни за работата на аеродромот затоа што се очекува бројот на патници да се дуплира до 2040 година.
Според здружението, во 2018 година имало 8,8 милијарди патници што летале, а до 2040 година се очекува бројот да скокне на 19,7 милијарди патници.
- Аеродромите се места што вклучуваат многу различни странки, како и вработените во аеродромите и авиокомпаниите, безбедносните лица, националните авијациски власти и надворешните продавачи. Усвојувањето на новата технологија им помага да работат поефикасно и поодржливо.
Еве што можат да очекуваат патниците од аеродромите и технологијата за 10 години.
Биометрија
Според Брукс, стотици аеродроми низ светот тестираат биометриска идентификација, технологија што го потврдува идентитетот на патникот преку отпечатоци од прсти или црти на лицето.
Употребата на биометријата ќе расте во иднина.
- Сè повеќе аеродроми и авиокомпании соработуваат за да ја тестираат технологијата првпат или ги прошируваат програмите што веќе ги имаат - вели Брукс.
На пример, аеродромот „Чанги“ во Сингапур неодамна почна тестирање на терминалот 4, што им овозможува на Сингапурците при самото пристигнување веднаш да поминат, без да ги покажат пасошите или да ги скенираат палците. Наместо тоа, тие поминуваат низ автоматизирана лента каде што се идентификуваат преку скенирање на ирис или преку скенирање на лицето.
„Бритиш ервејс“ штотуку инсталира биометриско качување на лет за сите домашни летови пред терминалот 5.
- Ова е првиот чекор кон биометриско качување на меѓународните летови од Велика Британија - вели Раул Купер, менаџер за дигитален дизајн на „Бритиш ервејс“.
Биометријата е голем фокус и за „Американ ерлајнс“. Според портпаролот Рос Фејнштајн, веќе се тестира биометриско качување на авион на некои аеродроми. Тој очекува дека биометријата ќе продолжи да се шири во текот на наредната деценија.
Вештачка интелигенција
Фото: Delta Airlines
За разлика од биометријата, вештачката интелигенција е релативно нова на аеродромите. Наскоро тоа ќе се промени.
- Бидејќи аеродромите се соочуваат со големи метежи, авиокомпаниите и безбедносните организации почесто ќе соработуваат со вештачката интелигенција и повеќе ќе се потпираат на неа кога станува збор за нивната безбедност, ефикасност и проактивност - вели Брукс.
Аеродромите „Порт ауторити“ во Њујорк и во Њу Џерси инвестирале опрема за скенирање на багажот што користи вештачка интелигенција. Извршниот директор Рик Котон вели дека оваа опрема има можност да ги идентификува сите торби и да ги достави до агентот за дополнително скенирање, а потоа да ги врати на авионите.
- Ова е врвна технологија за откривање што ќе го забрза безбедносното скенирање - вели тој.
Се очекува опремата да се појави и на други места до 2025 година.
„Бритиш ервејс“ користи вештачка интелигенција во тестирањето со автономни роботи што ќе почне оваа година на терминалот 5 на „Хитроу“. Овие роботи, дизајнирани од технолошката компанија „Ботсендас“, можат да комуницираат со патниците на повеќе јазици и имаат способност да одговорат на илјадници прашања, вклучувајќи ги и прашањата поврзани со информации за летовите. И благодарение на технологијата за гео-локација, тие можат и да се движат низ терминалот и да ги носат патниците, на пример, до бирото за посебна помош.
„Делта ер“ создава машини на вештачка интелигенција што анализираат милион оперативни точки на податоци од позициите на авионите до аеродромските услови. Машините, кои треба да почнат со работа оваа пролет, ги користат точките за да создадат хипотетички исходи што на вработените им даваат информации кои им се потребни за да донесат одлука кога летовите се прекинати.
Така, на пример, ако има снежна бура или прекин на електрична енергија, вработените, врз основа на податоците од машината, ќе можат да одлучат како најдобро да ги презакажат патниците и кои маршрути се најдобри за нив.
Подобри апликации
Фото: Getty Images
Aпликациите за аeродромите и авиокомпаниите не се нови, но од 2020 до 2030 година тие ќе станат далеку пософистицирани.
Апликациите за патничките аеродроми ќе даваат поголем број информации за времето, воздушниот сообраќај, за терминалите, паркирањето и тековното време на чекање. Некои од нив ќе бидат опремени и со географски информациски системи што ќе им даваат мапи на патниците за она што го бараат.
Одборот за туризам во Сингапур соработува со органите за имиграција и контролни пунктови за воведување картичка за пристигнување во рамките на апликацијата „Посетете го Сингапур“.
„Американ ерлајнс“ сака да ја прошири функционалноста на својата апликација за таа да биде користена за самопослужување.
- На крајот од 2019 година почнавме да ја користиме апликацијата „Еј-Еј“ за да ги информираме клиентите дали нивниот лет е распродаден и да им дадеме можност да го променат во замена за ваучер за патување. Сакаме да се потпираат на апликацијата за повторно резервирање на летовите и другите нивни потреби - велат од авиокомпанијата.
Аеродромско и авионско работење
Фото: Getty Images
Од оперативна гледна точка, ќе се реализираат различни технолошки иновации во наредните 10 години.
На аеродромите „Порт ауторити“ постојните безбедносни камери на терминалите ќе бидат заменети со модели со висока резолуција. Исто така, „Порт ауторити“ ќе инвестира повеќе од 25 милиони долари за подобрување на системот што е водич на авионот до пистата во текот на лоши временски услови и има технологија што на авионите им покажува неколку
патишта за слетување.