X
 21.02.2018 Култура

„Нашата иднина зависи од читањето и мечтаењето!“


Нил Гејмен
(Фото: ninniane / Flickr)


Еднаш го прашале Алберт Ајнштајн како да ги направиме децата поинтелигентни. Неговиот одговор бил мудар и едноставен: „Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки. Ако сакате да бидат уште поинтелигентни, читајте им ушто повеќе бајки“.

Мечтаењето е право и обврска на сите граѓани, порачува Нил Гејмен, популарниот британски писател на книги за деца и возрасни.

Во предавањето што го одржал организирано од хуманитарната организација „Ридинг ејџенси“ во 2013 година, Гејмен зборувал за промените што се случуваат додека читаме. Пренесуваме делови од неговото излагање:

***

Писмените луѓе читаат фикција.

***

Фикцијата има две употреби. Првo, тоа е почетната дрога за читање. Потребата да дознаете што се случило потоа, да сакате да ја свртите страницата, да продолжите со читање... тоа е силен порив. И тоа ве тера да учите нови зборови, да смислите нови мисли, да одите понатаму. Да откриете дека читањето само по себе е задоволство. А кога ќе го сфатите тоа, ќе почнете со читање и на сè друго. Читањето е клучот.

***

Зборовите се поважни од кога било; го истражуваме светот преку зборови, а бидејќи светот е преселен на веб-мрежите, мораме да го следиме, да комуницираме и да го разбираме она што го читаме. Луѓето што не можат да се разберат едни со други не можат да разменуваат идеи, не можат да комуницираат...

***

Наједноставниот начин да бидеме сигурни дека одгледуваме писмени деца е да ги научиме да читаат и да им покажеме дека читањето е пријатна активност. Тоа значи дека треба да се најдат книги во кои тие ќе уживаат, да им ги направиме достапни и да им дозволиме да ги читаат.  Не постојат лоши книги кога се работи за децата. Нешто ќе стане модерно меѓу возрасните, па веднаш тие ќе прогласат некој жанр или автор за лоши, кои треба да им се забранат на децата. За стриповите се говореше дека шират неписменост. Тоа е снобизам, тоа е лудост.

***

Мораме децата да ги „навлечеме“ на читање: што сакаат нека читаат, тоа постепено, страница по страница, ќе ги доведе до писменост.

***

Друга работа што се постигнува со читањето фикција е изградба на емпатија. Кога гледате филм, гледате какви работи им се случуваат на другите луѓе. Прозата се прави од 30-ина букви и неколку интерпункциски знаци, а вие самите ја користите вашата фантазија, создавате свет и луѓе во него и го гледате преку туѓите очи. Доживувате работи и посетувате места и светови кои не би ги запознале на поинаков начин. Спознавате дека сите тие луѓе всушност сте вие самите.

Со помош на емпатија градиме групи, за да не би биле само егоцентрични индивидуалци.

***

Бев во Кина во 2007 година, на првиот собир на писатели на научна фантастика, одобрен од Комунистичката партија. Прашав еден од партиските функционери зошто толку долго ја оспорувале. Што се променило сега?

„Едноставно е. Кинезите се брилијантни во изработувањето работи ако некој друг ни ги даде плановите. Самите не создававме иновации и изуми. Па испративме наша делегација во САД, во посета на Епл, Мајкрософт, Гугл и ги испитавме луѓето што ја создаваат иднината за нивните животи. Откривме дека сите тие читале научна фантастика кога биле деца.“

***

Додека читате, откривате и нешто што е од голема важност за вашиот живот во реалниот свет. А тоа е дека светот не мора да биде ваков. Работите можат да бидат поинакви.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура