X
 07.02.2023 Живот

Јапонски град го зајакнува туризмот со ангажирање гејши

Во обид да ја оживее култната традиција и да го поттикне туризмот, јапонскиот град со термалните извори Геро во префектурата Гифу ја продолжува програмата за вработување жени во градската администрација кои се обучуваат како „маико“ (чирак-гејша).

Вработените во уникатниот проект на локалната самоуправа, кој е втор од ваков вид во Јапонија, се очекува да работат како државни службеници, а истовремено да учат да танцуваат, пеат и да свират на музички инструменти.

Предвидено е обуката да трае три години, а нови вработувања во рамките на оваа програма ќе започнат во февруари.

Од градската управа велат дека во последните години има сѐ помалку групни посети на местото, па гејшите имаат сѐ помалку можности да ја покажат својата уметност.

Тецуја Томинага, програмски менаџер во одделот за туризам, истакнува дека историјата и културата на гејшите се важни и треба да се пренесат.

Во 70-тите години градот во централната префектура Гифу имал повеќе од 200 гејши и нивни чираци. Но, тој број се намали, а моментално има само три, вклучувајќи ја и 23-годишната Марика Такемото, прва која е регрутирана во програмата.

Такемото, родена во Токио, од 2021 година е вработена во одделот за туризам на градската управа на Геро.

Таа вели дека е заинтересирана за ревитализација на руралните средини, а преку социјалните мрежи се обидува да привлече туристи во одморалиштето со термални извори, во кое сѐ уште се задржани остатоците од античката историја.

Како маико (чирак-гејша), таа учи бонтон, танц и народни песни. Бидејќи е државен службеник, не смее да забавува приватни групи, но може да настапува јавно.

Со искуството стекнато за време на обуката, таа може да избере да продолжи да работи како гејша по завршувањето на програмата за обука.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот