Помина половина деценија откако „Спејс екс“ го лансира спортскиот автомобил „тесла“ на Илон Маск во вселената, испраќајќи го на бескрајно патување во космичката пустина каде што се очекува да остане во наредните милениуми.
Вчера беше годишнината откако спортскиот автомобил во боја на вишња официјално стигна во вселената. Процените на податоците покажуваат дека има завршено повеќе од три круга околу Сонцето и дека е позициониран на околу 327 милиони километри од Земјата.
Автомобилот има поминато повеќе од 4 милијарди километри, главно преку вакуум. Во 2020 година го направи своето прво приближување до Марс. Но, тешко е со апсолутна сигурност да се каже каде се наоѓа автомобилот или да се одреди дали сè уште е целосен, со оглед на тоа што е возможно да бил „избришан“ од метеорит или еродиран до непрепознатливост од радијацијата.
Од 2018 година нема никакви набљудувања врз автомобилот. Тековните податоци се базираат само на пресметани процени на траекторијата на автомобилот. Астрономите немаат поттик активно да го следат автомобилот бидејќи тој не нуди големи научни сознанија.
Пред лансирањето во 2018 година, „Спејс екс“ го наполни автомобилот со велигденски јајца. Зад воланот беше ставена кукла во вселенски костим наречена Стармен, а на контролната табла имаше знак на кој пишуваше „Не паничи“, референција за познатата научнофантастична приказна „Автостоперски водич низ галаксијата“. Имаше и уред за складирање податоци во кој се наоѓаа делата на писателот Исак Асимов, како и плоча на која беа испишани имињата на илјадници вработени во „Спејс екс“.
Најверојатно автомобилот нема да помине во близина на друга планета до 2035 година, кога повторно ќе помине покрај Марс. Потоа ќе направи два премина на неколку милиони километри од Земјата во 2047 и во 2050 година, според податоците на НАСА.
Академски труд од 2018 година процени дека шансите автомобилот да се судри со Земјата во следните 15 милиони години се околу 22 отсто. Шансите да се сруши во Венера или во Сонцето изнесуваат 12 отсто.
Извор:
CNN
Фото: SpaceX