Во просек, мажите живеат неколку години пократко од жените, но не е познато зошто. Сега се анализира влијанието на Y-хромозомот, кој кај некои мажи исчезнува со стареењето, ги прави поподложни на болести и можеби им го скратува животот.
Според германскиот Завод за статистика, очекуваниот животен век на мажите и на жените постојано се зголемува во последните неколку децении, но останува една разлика: во просек, мажите сè уште живеат околу пет години помалку од жените. Слично е во целиот свет. Причина за ова може да биде Y-хромозомот.
„Машкиот“ хромозом е значително помал од Х-хромозомот и обезбедува развој на машки полови карактеристики во ембрионот.
Но, со стареењето, при клеточната делба Y-хромозмот може да исчезне. Ова веќе некое време е познато во професионалните кругови.
Оваа мутација не е сосема безопасна, објаснува кардиологот Андреас Кајер, кој ја истражува оваа тема во Универзитетската болница во Франкфурт.
- Во последните две-три години имаше студии кои покажаа дека со губењето на овој хромозом, се јавува ризик од кардиоваскуларни болести, Алцхајмерова болест, дијабетес, како и класична болест на макуларната дегенерација поврзана со стареењето, а со тоа и губење на видот. Надоврзувајќи се на сето ова, се поставува прашањето: Како е тоа можно? - вели д-р Андреас.
Особено се погодени крвните клетки
Губењето на Y-хромозомот се случува првенствено во клетките кои формираат крв, кои секој ден произведуваат милијарди крвни зрнца во коскената срцевина, објаснува Кајер. Ако таква матична клетка го изгуби Y-хромозомот, нема да го имаат ниту сите нејзини потомци, а често таквите клетки произведуваат уште повеќе нови крвни клетки од другите.
Според Кајер, околу 40 отсто од мажите постари од 70 години се погодени од оваа мутација, додека тоа е само околу 5 отсто кај 45-годишниците. Сепак, не сите крвни матични клетки го губат Y-хромозомот. Наместо тоа, се создава таканаречен мозаик од клетки со различни форми на генетски информации.
Проблеми со срцето
Истражувачкиот тим на чело со овој кардиолог сега би сакал да открие кои промени во овие клетки се должат на недостигот на Y-хромозомот. Затоа што вклучувањето или исклучувањето на гените може да предизвика патолошки процеси во телото.
Научниците редовно испитуваат примероци од крв од постари машки пациенти со проблеми со срцето и бараат клетки без Y-хромозом.
Се покажа дека крвните клетки без Y-хромозом се значително почести кај мажите со срцеви заболувања отколку кај здравите мажи.
Промени во органите
Во експериментите со животни, истражувачка група во САД веќе успеа да ја демонстрира важната улога на Y-хромозомот во здравјето. Крвните клетки без Y-хромозом кај животните предизвикале воспалителни процеси не само во срцето, туку и во белите дробови и во бубрезите.
Резултатот од тоа е промена на ткивото во таканаречена фиброза, ткиво кое се згуснува и стврднува како лузна. Таквите лузни го прават срцето потешко и помалку способно да пумпа, вели Кајер. Сè уште не е дефинитивно разјаснето дали ова откритие може да се примени на луѓето.
Но, клетките од пациентите во Универзитетската болница во Франкфурт, исто така, произвеле повеќе супстанции кои предизвикуваат воспаление.
Сè уште нема терапија
Не постои терапија за последиците од недостиг на Y-хромозом. Исто така, не е познато дали губењето на Y-хромозомот може да се спречи.
Но, постојат одредени животни навики кои поттикнуваат губење на Y-хромозомот. Кардиологот Кајер им препорачува на мажите да бидат физички активни, да не пушат и да избегнуваат стрес.
Фото: Freepik