Следниот пат кога љубопитното четиригодишно дете ќе праша колку мравки има на Земјата, ќе имате одговор благодарение на истражувачи од Германија кои ја пребарувале научната литература за да дојдат до одговор на ова прашање, како и неизбежното прашање: колку тежат сите заедно?
Научниците од Универзитетот „Јулиус Масимилијанс“ велат дека го започнале истражувањето затоа што немало веродостојна процена за вкупниот број мравки на планетата или колку тие се чести во различни живеалишта. Така, тимот ја презел задачата сам да ги преброи овие вредни мали инсекти.
Тие се консултирале со 489 научни истражувања кои давале одговор на ова прашање, опфаќајќи ги сите континенти и живеалишта и од тие податоци го пресметале она што велат дека е конзервативна емпириска процена.
Според тимот, на Земјата во моментов има речиси 20 квадрилиони мравки. Тоа е бројот 20 со 15 нули, бројка што е навистина тешко да се замисли. За да имате претстава колку е тоа, ќе ви направиме една споредба: има 2.000 пати повеќе мравки на Земјата отколку што има ѕвезди во нашата галаксија.
Фото: Freepik
Тимот отиде чекор понатаму и успеа да открие колку би тежеле сите мравки: околу 12 милиони тони. Тоа е повеќе од вкупната маса на сите диви птици и цицачи заедно (освен луѓето).
Како се шират низ планетата? Како што може да се очекува, истражувачите откриле дека мравките се концентрирани во тропските предели, при што во шумите и пустините има повеќе мравки, а во урбаните средини помалку. Поларните региони во суштина немаат мравки.
Можеби звучи малку несериозно, но ова истражување не беше само задоволување на љубопитното дете во сите нас. Тимот вели дека бидејќи мравките играат толку голема улога во нивните екосистеми, важно е да се разбере нивната дистрибуција и како тие би можеле да бидат погодени од климатските промени.
- По хектар, мравките поместуваат до 13 тони почва годишно. Тоа значи дека имаат големо влијание врз одржувањето на циклусот на хранливи материи и играат одлучувачка улога во дистрибуцијата на семето на растенијата - вели Патрик Шултајс, водач на истражувањето.
Извор:
Newatlas.com
Фото: Freepik