X
 07.02.2024 Наша тема

„Да не бидеме погон кој произведува интелигентни кадри кои ќе градат други држави“, вели Божидар Маслинко, најдобар дипломец на Институтот за етнологија и антропологија

Факултетот го заврши со просек 9,83 во рекордно време - за 4 години и 2 месеца, се смета себеси за голем родољуб и вели дека младешката енергија треба да стане движечка сила во државата.

Внук е на покојниот ректор на Битолскиот универзитет и долгогодишен професор по хемија Божидар Маслинко, чие име со гордост го носи. Помладиот Божидар вели дека неговиот дедо е можеби првиот кој уште во детството го поттикнал да развие интерес кон етнологијата. Потекнува од семејство на хемичари, но и стари битолски златари, па иако не одбрал да се занимава со хемија, не е ни чудо што интересот за студирање го насочил кон етнологијата, наука што ги изучува материјалната и духовната култура на народите.

- За мене, етнологијата (и антропологијата) претставува НЗС на сите мои интереси, меѓу кои: историјата, антропогеографијата, религиите, музиката, јазиците, занаетите... Таа беше логичниот избор. Дава огромна ширина на потенцијални нови полиња на истражување, широк ум за разбирање на општествените случувања и меѓуодноси. Не сум се одлучил за хемија бидејќи примарните интереси ми лежат тука, но судбината ми била иста како онаа на мојот татко и дедо, да се запишам на ПМФ. Мојата помала сестра Елена го „искупува“ тој мој грев запишувајќи се на медицинска физика, која сама по себе е природна наука како и хемијата - вели Маслинко.



Не учев на класичен начин, туку во континуитет читав книги и научни статии

Дипломира во 2023 година како најдобар студент на студиската програма Етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет при УКИМ. Испитите ги заврши во рекордно време од 4 години и 2 месеца, а доколку не настанел одреден технички или бирократски проблем на Институтот за етнологија и антропологија, ќе дипломирал и побрзо. Заврши со просек 9,83 постигнувајќи десетки по речиси сите предмети, со исклучок на шест.

- Сметам дека за да станеш најдобар студент, не треба да целиш кон тоа. Тоа треба да биде резултат на големата вложеност во дадената наука. Секако дека бара еден вид жртва, но тоа секој поединец различно го сфаќа. Лично јас никогаш не учев на класичен начин, односно континуирано читав и сѐ уште читам книги и научни статии од областа и сродните дисциплини. Пред испит јас само ги читав зададените материјали од страна на професорите и одев на полагање - вели Маслинко.

Достапни професори и студенти по етнологија кои се одлични музичари

Впечатоците од факултетот му се убави, му носат дури и доза на носталгија сега откако помина студентскиот живот. Особено е задоволен од односот на професорите, за кои вели дека им биле голема поддршка на студентите, однесувајќи се често како пријатели, приземни и достапни. Со тоа ги уривале стереотипите за тоа што значи да си професор, како и бариерите меѓу студентите и нив.

- Убавите моменти за време на студирањето беа многубројни. Тешко е да се издвојат, но може да го споменам теренското истражување што го правевме во прва и втора година во Куманово под менторство на професорот Љупчо Ристески. Незаборавни моменти, многу смеа, дружби, традиционални јадења, музика од студентите на етнологија (за кои тврдам дека се одлични музичари) и, секако, учење нови работи.



Државата да не ја занемарува младината

Кога се запишувал на факултет, немал дилема дека треба да студира во Македонија. Сега е на постдипломски студии, но и работи. Сепак, смета дека ако продолжи занемарувањето на младите од страна на државата, со тешко срце ќе мора да ја напушти татковината.

- Во дилемата меѓу странство и тука, јас сум родољуб и сакам да придонесам онолку колку што можам за земјава. Но, ако државата со нејзините институции продолжи да ја занемарува младината, како што тоа го прави од нашата независност, со тешко срце ќе бидам принуден да си ја барам егзистенцијата надвор.
Многу антрополози можат да се пронајдат во денешните „актуелни“ професии како: дигитален маркетинг, прибирање и анализа на податоци, новинарство, односи со јавност, организатори на настани, професии во сферата на културното живеење и многу други. Маслинко го гледа своето работно место во културното наследство и музеологијата, но не планира да го запостави ни златарскиот занает.

Ќе се занимава со наука, но не го напушта „златниот“ занает

- Потекнувам од златарско семејство, па и научниот интерес ми лежи во проучувањето на старите занаети. На исто рамниште можам да го сместам и интересот кон музиката, поконкретно византиската музика и староградската – чалгиска музика. Всушност, мислам дека на чалгијата ѝ се неопходни уште многу промоции за да го добие своето место на медиумската сцена. Што се однесува до моите планови, ги имам многу. Моето работно место си го гледам во сферата на културата, културното наследство, музеологијата или/и во академиската заедница. Секако, никогаш не сметајќи на тоа да го изоставам и мојот „златен“ занает, кој си има свој уметнички дух - додава Маслинко.

На прашањето дали со тоа што е меѓу седумте најдобри дипломци на ПМФ за 2023 година доби предност при вработувањето, тој одговара:

- Овој е најтешкиот дел. Сведоци сме на начинот на кој функционира нашата држава и институциите во неа. И можам да заклучам дека таквите бенефиции воопшто не можат да бидат материјализирани или формализирани. Можеби кога би имале подобра визија и кога младешката енергија ќе стане движечка во креирањето на политиките, дури тогаш можеби ние младите би си го нашле своето место под сонцето. Дотогаш, ние како држава важиме за еден индустриски погон кој произведува млади, интелигентни кадри кои ќе градат некои N држави - заклучува младиот етнолог.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема