X
 28.04.2022 Живот

Во Скопје ќе се одржи Третата меѓународна конференција за образование по математика

На некои од работилниците ќе бидат промовирани активности осмислени во рамките на Еразмус-проектот „Разновидноста во природните науки низ социјална инклузија – неформално образование по природни науки и ученичка разноликост“

Од 6 до 8 мај во Скопје ќе се одржи Третата меѓународна конференција за образованието по математика, физика и сродни науки, во организација на Сојузот на математичари на Македонија (СММ), Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), институтите за математика и физика при ПМФ во Скопје, како и Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На конференцијата, освен предавања и презентации, ќе се реализираат и работилници од областа на математиката и природните науки. На дел од овие работилници ќе бидат промовирани активности осмислени во рамките на Еразмус-проектот „Разновидноста во природните науки низ социјална инклузија – неформално образование по природни науки и ученичка разноликост“ (DiSSI). Работилниците ќе ги водат професорите Марина Стојановска, Катерина Русевска, Ламбе Барандовски и Владимир Петрушевски од ПМФ.

Планирани се вкупно шест работилници кои вклучуваат активности за социјална инклузија преку примена на 5Е-моделот, како дел од учењето базирано на истражување и Escape room активности, како дел од учењето базирано на игра. Ќе биде застапена по една тема од билогија, физика и хемија, т.е. екологија, струјни кола и гасови. Секој учесник на овие работилници ќе добие сертификат и книга со активности, која претставува своевиден водич за примена на овие активности во училница и совети за наставниците.
Овој Еразмус-проект се реализира на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а негови главни цели се развој и имплементација на иновативни методи и примери за добри практики за справување со различни димензии на различноста (разлики во јазични вештини, културни разлики, социо-економски разлики, етнички разлики и работа со талентирани ученици), поддршка на наставниците, едукаторите и лидерите на образовните институции во справувањето со различноста и зголемување на мотивацијата и интересот на учениците за природните науки.
Овој проект е од интерес за повеќе чинители во образовниот процес: ученици од различни средини, студенти на наставни насоки, наставници во основни и средни училишта, креатори на образовни политики и научната заедница. Освен од Македонија, во проектот се вклучени и истражувачи од Германија, Велика Британија, Ирска и Словенија.

Подготвил: А.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот