X
 23.04.2021 Образование

УКИМ има најмногуброен кадар меѓу универзитетите - Медицински факултет е лидер со 608 наставници и соработници

Бројот на наставниците и соработниците во високообразовните установи во Македонија во академската 2020/2021 година е 4.288, соопшти Државниот завод за статистика.

Оттаму додаваат дека од вкупниот број наставници и соработници, 3.074 или 72% се наставници и 1.214, т.е. 28% се соработници во наставата.

Бројот на наставнички и соработнички во учебната 2020/2021 година изнесува 2.102 или 49%.

Од табелите може да се забележи дека најмногуброен наставен кадар има најголемиот универзитет во Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со вкупно 1.889 наставници и соработници. Од нив 1.466 се наставен персонал, а 423 се соработници. Од вкупниот број наставници и соработници, 993 се жени.

Доколку анализираме според факултетите на УКИМ, но и меѓу сите факултети, најмногуброен наставен кадар има Медицинскиот факултет во Скопје, каде што работат вкупно 608 наставници и соработници, од кои 338 се наставен персонал, а 270 се соработници. Од сите 608, 367 се жени.

На второто место во рамките на УКИМ е Природно-математичкиот факултет, каде што работат вкупно 118 наставници и соработници, од кои само 6 се соработници, а останатите се наставен персонал.

На третото место е Филолошкиот факултет со вкупно 110 вработени наставници и соработници, од кои 100 се наставен персонал, а останатите се соработници.

Најмалку вработени во рамките на УКИМ има Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер, каде што се вработени само 14 лица како наставен персонал и нема соработници. Само 4 повеќе, односно 18 наставници се вработени на Факултетот за ликовна уметност, додека на Шумарскиот 27, од кои 19 се наставен персонал, а останатите соработници.

Немаме асистенти, 14 наставници ја вршат работата за 40!- вели деканот на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер

На Државниот универзитет во Тетово работат вкупно 715 просветни соработници, од кои 368 се наставен персонал, а 347 се соработници.

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има вработено вкупно 505 наставници и соработници, од кои 325 се наставен персонал, а 180 се соработници.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ вработува вкупно 302 наставници и соработници, од кои 293 се наставен персонал, а 9 се соработници.

На Универзитетот „Мајка Тереза“ работат вкупно 90 просветни работници, од кои 55 се наставен персонал, а 35 се соработници.

Во Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид работат вкупно 19 наставници и соработници, од кои 14 се наставен персонал, а 5 лица се соработници.










ДЗС објави и какви научни квалификации имаат вработените наставници и соработници на македонските високообразовни институции. Така, од вкупно 4.288 наставници и соработници, 3.000 се доктори на науки, 938 се магистри, 181 се специјалисти и 169 се со високо образование.


Фотографии: Државен завод за статистика (printscreen)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование