X
 07.03.2022 Наша тема

Драгана Марковиќ - виолинистка вљубена во италијанскиот јазик

Да се биде музичар е предизвик сам по себе, бара пожртвуваност и време кое треба да се посвети на виолината. Паралелно ги студирав последните две години на ФМУ и првите две на Филолошки. По започнувањето на студиите по италијански јазик добив поддршка од апсолутно сите професори на Катедратa за италијански јазик и книжевност

Драгана Марковиќ од Тетово е добитник на голем број државни и меѓународни награди за прво место во различни музички дисциплини. Таа е дипломирана виолинистка која ни раскажа за нејзината љубов кон музиката, но и кон италијанскиот јазик, и за тоа како да се одржи баланс во студирањето на два факултета истовремено. Во интервјуто за Факултети.мк Драгана истакна дека во текот на паралелните студии најважна ѝ била поддршката од семејството и од блиските пријатели.

На која возраст пројавивте интерес за музиката?

- Уште пред да се запишам во нижо музичко, дома имав неколку играчки музички инструменти со кои се занимавав и се замислував дека некаде настапувам. Се запишав во нижо музичко, а веднаш потоа и во Градскиот детски хор „Лале“, каде што дефинитивно открив еден нов музички свет. Мислам дека хорот имаше големо влијание да ја изберам музиката како професија, а сè уште членувам во Женскиот младински хор „Менада“. Сакам да напоменам дека двата хора се под диригентство на проф. Ивица Зориќ.



На колку години почнавте да свирите на виолина?

- Се запишав на виолина на 7-годишна возраст во ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово кај проф. Севда Илиќ. Но тоа што се вика професионално свирење на виолина и професионално развивање како музичар се случи непосредно пред да почнам да учам во ДМБУЦ. Темелно навлегов во комплексноста на виолината, во сите нејзини техники благодарение на проф. Олег Кондратенко, кој прифати да ме земе во неговата класа и кој ме водеше и низ средното образование, а потоа и на факултет. Дипломирав сега, во февруари 2022 година, во неговата класа.

Колкав е бројот на натпревари на кои сте учествувале?

- Искрено, не би знаела да кажам точна бројка. Навистина учествував на многу државни и меѓународни натпревари по музика, и тоа во различни дисциплини. Се натпреварував по виолина, солфеж, теорија на музика, хармонија, па дури и пијано облигат (за учениците на кои главен инструмент не им е пијаното) и секогаш се враќав со специјална прва или прва награда.

Во кој период од Вашиот живот се роди љубовта кон италијанскиот јазик?

- Во средното училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ се соочив со изучување на три странски јазици (англиски, француски, италијански). Италијанскиот беше изборен предмет и доколку се учи сите четири години, се стигнува до степен Б1. Сепак, интересот за јазикот ми остана и понатаму, па си ветив дека ќе најдам време да го доучам. Тоа се случи во 2019 година кога се решив да се запишам на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Италијански јазик и книжевност, насока преведување и толкување.



Дали Ви претставува голем предизвик да студирате два факултета истовремено и како одржувате баланс?

- Првично, да се биде музичар е предизвик сам по себе, бара пожртвуваност и време кое треба да се посвети на виолината. Паралелно ги студирав последните две години на ФМУ и првите две на Филолошки. А по започнувањето на студиите по италијански јазик добив поддршка од апсолутно сите професори од Катедратa по италијанистика. Благодарение на нив, успеав првите две години да ги завршам без да почувствувам тешкотии. Секако дека најприсутна беше поддршката од моето семејство и блиските пријатели. Сега, кога веќе сум дипломиран виолинист, ќе можам повеќе време да му посветам на италијанскиот јазик.

Може ли да се изедначи Вашата љубовта кон музиката со љубовта кон јазиците?

- Постои една разлика меѓу двете области, од причина што музиката и покрај сите нејзини теоретски гранки кои ја поткрепуваат е уметност. Меѓутоа, италијанскиот јазик е многу мелодичен и многу италијански термини се навлезени и секојдневно се употребуваат како музички термини. Музиката бара креативност и инспирација за да предизвика некаква емоција кај поединец или група, додека јазикот како наука бара логичко-дидактички пристап. Така што, мислам дека музиката е онаа што преовладува дури и кај луѓето што не се занимаваат професионално со музика.



Во која професија се гледате во иднина?

- Природата на двете професии е таква што помалку или повеќе не е ограничена со работно време. Секако, сметам дека е неопходно да се остварам и во двете области поединечно, односно како дел од некој оркестар и како преведувач, но мојата желба е да најдам начин и можност да ги интегрирам двете струки.

Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема