Италијанскиот јазик е толку страстен и заводлив, што уште при првото слушање го освојува срцето на повеќето туристи. Но, тоа не е случајност - голем број поети и уметници со векови работеле на развивање на овој јазик.
Италијанската геополитичка историја е доста уникатна. Во споредба со другите земји од Западна Европа, како Франција и Шпанија, обединета е релативно доцна, во 1861 година.
Сè до 1950-те, кога телевизијата како медиум започнала да стекнува сè поголема популарност, мајчиниот јазик на 80% од Италијанците биле дијалекти.
„Италијанскиот долго време бил повеќе ориентиран кон литературата“, вели преведувачот Мајкл Мур Френсис.
Тоа значи дека Италија стотици години била поделена на регионални кралства и немала кохезивна влада со официјален, административен јазик.
Како резултат на тоа, во Италија писателите и поетите со векови го формирале и стилизирале италијанскиот речник, а една од основните работи кои биле земени во предвид биле токму убавината и звучноста на јазикот.
Секој регион имал сопствен дијалект, но тосканскиот на крај преовладувал. Може да се каже дека ова е сосема логично со оглед на тоа што Тоскана со своите живописни ридови, лозја, долини и реки претставува една од најинспиративните области во Италија. Тука била родена ренесансата, а до ден денес има статус на моден, уметнички и туристички епицентар.
На крајот на краиштата, во главниот град на Тоскана, Фиренца, бил роден еден од најголемите поети на сите времиња - Данте Алигиери. Тој играл важна улога во развојот на италијански јазик. Неговата „Божествена комедија“ била напишана на неговиот роден тоскански дијалект, иако во тоа време високо образовната елита се служела со латинскиот јазик. Тој дури и бил приморан да ја брани својата одлука.
Алигиери не бил единствениот тоскански уметник. Во 1304 година, во Арецо бил роден Франческо Петрарка. Познат како татко на хуманизмот, Петрарка исто така пишувал песни на неговиот мајчин, тоскански италијански јазик, а истото го правел и неговиот голем современик од Фиренца - Џовани Бокачо, автор на „Декамерон“.
Иако Петрарка имал желба повеќе луѓе да ја разберат неговата поезија, желбата за промена на угледот на тосканскиот дијалект била поголема. Поетот сакал неговиот јазик да биде подеднакво софистициран како латинскиот, кој и понатаму бил јазик на италијанската аристократија.
Петрарка можеби денес звучи премногу формално, но луѓето во тоа време лудувале по неговите дела. Не е случајно и тоа што Шекспир во неговото познато дело „Ромео и Јулија“ го сместил токму во Италија.
И покрај тоа што денес мал е интересот за делата на Петрарка, неговата улога во историјата на италијанскиот јазик е клучна, бидејќи венецијанецот Пјетро Бембо, кој живеел во 15 век, сметал дека Пертрарка пишувал на најдобриот италијански јазик. Токму затоа овој јазик заслужил да се најде меѓи најдобрите светски јазици.
Бембо потекнувал од едно моќно аристократско семејство. Тој станал секретар на папата Лав X во Рим. Овој човек бил голем љубител на делата на Петрарка, а за време на неговиот престој во Урбино, тој го напишал неговото најпознато дело „Prose della Volgar Lingua“. Во него опишува како е да се пишува на најубавиот, највозвишениот италијански јазик, кој е на исто ниво со латинскиот.
Бембо како модел на совршен италијански јазик го избрал тосканскиот дијалект од 14 век, а Петрарка го прогласил за писател кој најубаво пишувал на италијански јазик.
Бил особено заинтересиран за мелодичноста и композицијата на јазикот, обидувајќи се да постигне совршена рамнотежа меѓу меките и тврдите гласови. Неговото дело во голема мера влијаело на италијанскиот кој денес се зборува во Италија.
Доктор Пати Аданк, професор по говор, слух и фонетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека италијанскиот му одговара на увото на човекот поради неговата мелодичност, која претежно доаѓа од големиот број на последователни самогласки во средината или на крајот на зборовите.
Патниците кои ќе одат во
Италија, а се во можност да го слушнат тосканскиот и другите дијалекти, сфаќаат дека тие меѓусебно се разликуваат од традиционалниот италијански јазик. Колку повеќе се движите кон југ, оваа појава станува поизразена, особено во области во кои до израз доаѓаат грчкото, арапското, шпанското, француското, па дури и еврејското влијание.