X
 07.03.2022 Живот

Луѓе од цел свет им помагаат на Украинците со резервации на „Ербиенби“

Платформата „Ербиенби“ во моментов активно работи во Украина благодарение на лица од целиот свет кои резервираат сместување иако не планираат да го искористат. Ова е дел од креативна кампања започната на социјалните мрежи за испраќање пари на жителите на Украина додека руските воени сили ги напаѓаат нивните градови.

Идејата е популарна. Само на 2 и 3 март корисници на „Ербиенби“ од целиот свет резервирале над 61.000 ноќевања во Украина, пренесува Си-ен-ен.

- Над 10 резервации стигнаа денес. Ова беше изненадување, беше голема поддршка во моментов. Им кажав на многу роднини и пријатели дека планирам да ги искористам овие пари за да им помогнам на луѓето на кои им се потребни во ова време - изјавил Володимир Бондаренко, Украинец кој го изнајмува својот стан на платформата.



Идејата за помош на жителите на Украина преку „Ербиенби“ започнала онлајн од страна на корисници кои ги поттикнале другите да направат резервации за блиски датуми за сопствениците побргу да ги добијат парите. Сопствениците на сместување на „Ербиенби“ најчесто добиваат пари еден ден по доаѓањето на гостинот.

Андре Осипчук, пензиониран рибар кој изнајмува дом во Киев на „Ербиенби“, изјавил за Си-ен-ен дека може да купи храна со парите што му биле испратени преку платформата.

Истовремено, „Ербиенби“ им нуди бесплатно привремено сместување на 100.000 Украинци кои избегале во соседните земји. Предложени се и слични идеи за испраќање пари на корисниците на „Етси“.

Извор: CNN

Насловна фотографија: Pixabay

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот