Дури и после децении закани, неодамнешните случувања на Корејскиот полуостров изгледаат далеку поопасни отколку што досега бил случајот.
Како што расте можноста за конфликт, набљудувачите се сконцентрирани на потенцијално апокалиптичната конвенционална воена пресметка на севернокорејските и американските сили.
Иако за многу американски воени експерти, конфликтот е потенцијална привлечна можност за проверка на конвенционалната моќ, Америка би морала да се фокусира не само на победата на севернокорејските сили на бојното поле, туку и на одржување на мирот во повоена Кореја. Ако американските сили се најдат во Пјонгјанг, после победата над пропаднатиот авторитарен режим, како во Ирак, борбата ќе биде на самиот почеток.
Иако режимот на Ким е свесен дека не може да ја победи Америка во конвенционална војна, сепак одлучен е да не си замине тивко. Познато е дека Северна Кореја будно следи и ги анализира податоците од бојните полиња на Блискиот Исток, поради што нејзините сили се добро обучени за терористичките тактики кои ги користат милитантите во Ирак и Сирија.
Токму поради тоа, најопасното оружје на Пјонгјанг не е војската која маршира на воените паради, туку повоените бунтовни сили.
Населението на Северна Кореја, како и Ирачани, не би ги дочекале американските и јужнокорејските сили со раширени раце. Претпоставката дека севернокорејскиот народ ќе биде пресреќен поради хамбургерот и ајфоните, би била сосема грешна.
Голема е веројатноста Кина, во тајност, а можеби и отворено, да ги вооружува бунтовниците во регионот. Изгледот за воспоставување на контрола на население од 25 милиони луѓе, кои со децении биле изложени на перење на мозокот, во комбинација со кинеското мешање, ќе биде далеку поголем проблем за Америка од севернокорејската армија, која и ден денес се потпира на технологија од времето на Студената војна.
Затоа, императив е развивање на план против бунтовниците, пред било каков конфликт и уривање на режимот.
Прво, за пацификација на населението, важно е да се создаде единствена корејска влада која ќе се смета за легитимна власт, за разлика од бунтовничките групи. Во овој контекст, за да се почитува владеење на правото, мора да се остане верен на традицијата на оваа земја.
Таквото владеење мора да биде конфучијанско и да ја почитува
државната идеологија која ја вовел Ким Ил Сунг. Без ваква преодна форма на влада, примената на американските и јужнокорејските закони би била невозможна.