X
 08.05.2019 Живот

Можат ли законските одредби да го запрат развојот на најголемата платформа за изнајмување?

Еден од најголемите интернет-посредници за изнајмување станови ја презема контролата над градовите. Поради сѐ поголемата популарност меѓу изнајмувачите и брзата заработка, голем број сопственици на недвижности во поголемите градови не сакаат да ги издаваат своите имоти на подолг период.

- Математиката е многу јасна. Ако можете од туристичко изнајмување во еден викенд да заработите 3.000 долари наместо, на пример, 800 долари месечно за трајно изнајмување, зошто не би го искористиле тоа - вели Џанет Санз, градски советник за домување во Барселона.

Иако на почетокот е замислена како платформа преку која луѓето би можеле да им понудат на посетителите кревет за 10 долари, а потоа и соба во нивниот дом, оваа платформа многу брзо прерасна во нешто многу поголемо. Денес, 11 години подоцна, бизнис-царството на „Ербиенби“ вреди повеќе од 31 милијарда долари. На целата платформа има повеќе од 6 милиони куќи, станови, апартмани и соби распрскани низ целиот свет, а во просек два милиона туристи дневно бараат сместување преку оваа страница.

Најголемиот број сместувања се во Лондон, Париз и во Њујорк, а токму тие градови секоја година сѐ повеќе се мачат со недостигот на станови за долготрајно изнајмување поради сѐ поголемата популарност на платформата. Голем број квартови во овие градови останаа без своите постојани станари и се претворија во вистинска туристичка оаза.

Њујорк успеа до одредена мера да ја добие битката со еден од најголемите посредници за изнајмување станови. Имено, властите во оваа метропола воведоа законски прописи за да ги спречат изнајмувачите и агенциите да можат секој објект да го регистрираат како туристички. Така, нивниот закон забранува изнајмување поголем број апартмани под 30 дена. Единствен начин сопственикот да може да го изнајми својот објект на пократок временски период е и ако самиот живее на истата адреса.

- Дојдовме во ситуација бројот на бездомници нагло да ни се зголеми токму поради недостигот на станови за трајно изнајмување. Од друга страна, имаме илјадници апартмани што се издаваат како хотелски соби - објаснува Џонатан Вестин, извршен директор на група за станбени права.

Сличен проблем го зафати и Лондон. По примерот на Њујорк, британските власти исто така почнаа да создаваат регулатива со која би го ограничиле бројот на капацитети за сместување регистрирани на „Ербиенби“, а сѐ во корист на долготрајното изнајмување.

-Мораме да пронајдеме баланс меѓу тие две нешта. Позитивно е што нашите граѓани сакаат да заработат дополнителни пари преку изнајмување на нивните домови и што посетителите имаат поголем избор при доаѓањето, но не можеме да дозволиме туристите да го преземат градот и поради нив нашите жители да го напуштаат градот - истакна Џејмс Мари, заменик-градоначалник за секторот домување.

Од друга страна, пак, „Ербиенби“ за целиот случај го обвинува хотелското лоби. Според нив, токму сопствениците на некои големи хотелски ланци ги наведуваат властите со помош на законски одредби да ја згаснат конкуренцијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот